Социјалната мрежа „Instagram“ објави дека воведува нова функција за полесна и побрза монтажа на кратките видеа, познати како „Reels“.
Функцијата автоматски ги скратува избраните видеоклипови и ги отстранува паузите, така што за помалку од 10 секунди може да ја создаде посакуваната верзија на видеото, поради што и го добила името „First Draft“.
На овој начин, креаторите на содржини повеќе нема да мора рачно да го прегледуваат и обработуваат секој клип, туку ќе добиваат автоматски составена првична верзија, која потоа ќе можат дополнително да ја доработат, пренесува „TechCrunch“.

Самата технологија не е нова, бидејќи слични функции веќе нудат алатки како „Adobe“ и „CapCut“, но нејзината директна интеграција во „Instagram“ ја намалува потребата корисниците да ги префрлаат видеата во посебни апликации за монтажа.
Новата функција засега се воведува на уредите „iPhone“ на „Apple“, а корисниците можат да пристапат до неа директно преку камерата на „Instagram“ за време на снимањето или преку галеријата со кратки видеа.

„Instagram“ оваа година воведе и други алатки наменети за креаторите, меѓу кои и функција што овозможува промена на музиката на веќе објавени содржини и карусели, без нивно бришење и повторно објавување.
Истовремено, „Instagram“ тестира и функција што им овозможува на креаторите да поврзат повеќе „Reels“ во една целина и да го одредат редоследот по кој тие ќе се гледаат.









