Бил Гејтс има нова мисија: „Тоа е поголем приоритет од климатската и здравствената криза“

Точка

26/08/2026

14:56

638

Големина на фонт

а а а

Бил Гејтс планира до крајот на годината да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг, за да му предложи меѓународни мерки за намалување на ризиците поврзани со вештачката интелигенција („AI“), изјави тој во интервју за „Reuters“, додавајќи дека најголем глобален приоритет, дури и пред климатските и здравствените кризи, е развојот на „AI“ кој нема да ја зголемува нееднаквоста и да им штети на најранливите.

Коосновачот на „Microsoft“ и милијардер-филантроп, Гејтс, изјави дека Кина би можела да се согласи на ограничување на објавувањето потенцијално опасни модели на „AI“, доколку Соединетите Американски Држави (САД) први преземат таков чекор. „Целиот свет би го прифатил тоа“, тврди Гејтс, кој со Си се сретна пред три години, кога беше првиот странски претприемач кого кинескиот претседател го прими по пандемијата на ковид.

Тимот на Гејтс работи на договарање средба за време на неговата следна посета на Кина, која засега е прелиминарно планирана за ноември, изјави неговиот портпарол. Според Гејтс, Кина веќе презема мерки за заштита на децата од зависност од „AI“, но премалку светски лидери сериозно се справуваат со можните штетни последици од развојот на вештачката интелигенција. Гејтс, исто така, сака да предложи земјите да ја следат способноста на вештачката интелигенција да создава молекули и да изведува биолошки напади.

„Технологијата во минатото не правела вакви работи, па ова претставува еден вид еволутивна пресвртница која бара одговорно управување од целото општество“, истакна тој. Кинеското Министерство за надворешни работи не одговорило веднаш на барањето за коментар од „Reuters“.


Меѓународен надзор на „AI“

Гејтс во јануари зборуваше пооптимистички за вештачката интелигенција, но сега е загрижен поради нејзината способност да изведува напади, да ги заменува човечките работни места и да создава психолошка зависност кај корисниците. Технологиите на компаниите „OpenAI“, „Anthropic“ и „Meta Platforms“ неодамна успеале да хакираат вистински интернет-страници за време на тестирања на сајбер-безбедноста.

„Таквите безбедносни пропусти предизвикуваат сериозна загриженост и треба да ни покажат колку е сериозна ситуацијата“, изјави Гејтс.

Во објава на својот блог, тој повика на формирање нова меѓународна организација за надзор на вештачката интелигенција, по примерот на системот за нуклеарни инспекции, меѓународните правила во воздухопловството и договорите за заштита на озонската обвивка. Тој смета и дека САД треба да ја преземат водечката улога, но најпрво мора да дефинираат критериуми според кои ќе се одлучува кои мерки се неопходни.


Најважниот приоритет во светот

Вештачката интелигенција која нема да ја зголемува нееднаквоста и да им штети на најранливите, Гејтс ја нарече „најважниот светски приоритет“, ставајќи ја пред климатските и здравствените кризи. Неговата фондација планира до 2045 година да потроши 200 милијарди долари, а сè поголем дел од нејзиниот фокус ќе биде насочен кон „AI“. Со „Anthropic“ работи на алатки со „AI“ за здравствени прегледи на бремени жени, а со „OpenAI“ на помош за здравствените работници во Руанда. Размислува и за оданочување на компаниите кои користат „AI“ за да го заменат човечкиот труд, со цел од тие средства да се финансира системот за социјална заштита.

Според неговото мислење, општеството треба да настојува да задржи до 40 проценти од денешните работни места за луѓето. Како пример ја наведе грижата што ја добивал неговиот татко додека боледувал од Алцхајмерова болест, за која смета дека вештачката интелигенција не може да ја замени.

Гејтс смета дека протестите против центрите за податоци го занемаруваат поголемиот проблем што вештачката интелигенција би можела да го претставува за пазарот на трудот. „Вистинските проблеми ќе се појават дури кога вештачката интелигенција ќе почне сериозно да го менува пазарот на трудот“, предупреди тој.