Ако барате божиќен саем со пристапни цени, Прага може да биде добра опција. Познат по дрвените штандови, големите божиќни елки и мирисот на трделник, главниот град на Чешка секоја година привлекува голем број туристи, а сега е и официјално прогласен за најповолна европска дестинација за зимски одмор, пишува „Daily Mail“.
Бајковита атмосфера во срцето на Европа
Прага, позната и како Градот на сто кули, често се смета за идеална позадина за божиќните саеми. Калдрмисаните улици на Стариот и Вацлавскиот плоштад, опкружени со готски кули и барокни фасади, создаваат препознатлива историска атмосфера.

На саемите може да се почувствуваат мириси на варено вино (сварак), медовина и традиционални чешки слатки, а посетителите ги придружуваат музика во живо, театарски настапи и хорови. Центарот на саемот го доминира голема божиќна елка донесена од чешките шуми, а во позадина се наоѓа познатиот Астрономски часовник.
Најповолен во Европа
Според истражувањето на порталот „Secret London“, Прага е убедливо најдостапната дестинација. Просечната цена за едно ноќевање во хотел со три ѕвезди изнесува околу 84 €, додека за кригла пиво во просек ќе издвоите околу 2,50 €. Многу блиску до титулата било бугарското Банско, кој се најде на второто место и покрај уште пониската цена на пивото — само 1,05 €.
Совршено за одмор меѓу празниците
Една од големите предности на прашкиот саем е тоа што трае сè до Свети Три Кралеви, 6 јануари. Тоа го прави идеална дестинација за оние што бараат релаксирачки одмор во деновите меѓу Божиќ и Нова година. За најдобро доживување се препорачува сместување во Стариот град (Staré Město) или Новиот град (Nové Město), од каде што сè е на дофат на рака.
Чешки божиќни обичаи
Во Чешка божиќните традиции се фокусираат на Бадник (Štědrý den). Подароците не ги носи Дедо Мраз, туку Малиот Исус (Ježíšek), а се отвораат по свечената вечера која традиционално се состои од крап и компир салата. Многумина постат во текот на денот надевајќи се дека ќе ја „видат златната свиња“, што се смета за знак на среќа. Обичаите вклучуваат и китење на елката на Бадник, пеење божиќни песни, пуштање лушпи од ореви во вода за претскажување на судбината и одење на полноќна литургија.
Испраќање на празниците
Дочекот на Новата година во Прага се одбележува со огномети на 31 декември и 1 јануари. Најдобриот поглед се нуди од Стариот плоштад, Карловиот мост и бреговите на реката Влтава. Празничниот период завршува на 6 јануари, на празникот Богојавление, кога се одржува големата поворка на Трите кралеви.
Мажи облечени како кралеви јаваат камили преку Карловиот мост во хуманитарни цели. Истиот ден, најхрабрите мештани учествуваат во традиционалното пливање во ледената Влтава, оддавајќи почит на патувањето на Трите кралеви. Овие настани ја спојуваат верската традиција и општествениот спектакл, при што се собираат средства за Каритас на Чешката Република.
Интересни факти за Прага
Ако планирате да ја посетите Прага за време на празниците, еве уште неколку општи интересни факти.
• Прага има најмногу барокни и готски градби во цела Средна Европа
Прашкиот град, Карловиот мост и стариот дел на градот се дел од една од најголемите урбани историски целини во Европа.
• Астрономскиот часовник од 1410 е еден од најстарите што сè уште работат
Прашкиот Орлој е третиот најстар астрономски часовник во светот и најстар кој сè уште функционира.
• Карловиот мост со векови бил единствената врска помеѓу двата брега на Влтава
Мостот го започнал да го гради кралот Карло IV во 1357 година, и тоа во симболично време — 5:31 наутро, на 9.7.1357 (нумерички палиндром 1357 9 7531).
• Прага е една од најпопуларните европски локации за снимање филмови
Во градот се снимани „Mission: Impossible“, „Casino Royale“, „Blade II“, „XXX“, „Spider-Man: Far From Home“, „The Gray Man“ и многу други.
• Во Прага постои „пивски спа“ каде луѓето се капат во пиво
„Beer Spa Bernard“ и „Spa Beerland “ станаа вирални на ТикТок — капењето во пиво, хмељ и квасец, според тврдењата, ја подобрува кожата и циркулацијата.
• Познатите прашки лебеди се згрижени од посебна служба — „Labutí patrola“
Градот Прага има тим кој се грижи за лабудовите на Влтава, особено во зима.
• Во Прага постоела цела четврт посветена на алхемија и езотерија
Златната улица на Храдчани била дом на алхемичари кои за време на Рудолф II се обидувале да „создадат злато“.
• Прага е европски „хотспот“ за „трдeлник“, иако оригинално не е чешки
Иако туристите го доживуваат како чешки десерт, трделникот всушност потекнува од Словачка и Унгарија — но Прага го претвори во бренд.
• Во Прага се наоѓа костурница со повеќе од 40.000 човечки коски
„Kutná Hora – Sedlec“ (еден час од центарот) е една од најпознатите костурниц во светот.
• Прашката метро станица „Národní třída“ била користена како бункер
Многу метро станици биле изградени за двојна намена — како засолништа во случај на нуклеарен напад.










