СЗО: Новата анализа потврдува дека вакцините не предизвикуваат аутизам

Точка

11/12/2025

16:49

292

Големина на фонт

а а а

Комитетот за безбедност на вакцините на Светската здравствена организација (СЗО) денес објави дека најновите прегледи на научните докази потврдуваат дека не постои врска помеѓу вакцините и нарушувањата од аутистичниот спектар.

Глобалниот советодавен комитет на СЗО за безбедност на вакцините анализирал два систематски прегледи што опфаќаат студии објавени помеѓу 2010 и август 2025 година, пренесе Ројтерс.

Прегледите ги опфатиле вакцините општо, како и вакцините што содржат тиомерсал, конзерванс базиран на жива, кој со години е цел на неосновани тврдења дека придонесува за аутизам.


Според комитетот, причинско-последичната врска се разгледува само кога повеќе висококвалитетни студии постојано покажуваат статистички значајна поврзаност.

Од 31 прегледана студија, 20 не пронашле никакви докази за поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот. Останатите 11 студии што сугерирале можна врска биле оценети како методолошки слаби, со висок ризик од пристрасност.

Соопштението на СЗО доаѓа откако американскиот министер за здравство, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, изјави за „Њујорк тајмс“ минатиот месец дека им наложил на Центрите за контрола и превенција на болести (CDC) да ја преиспитаат својата долгогодишна позиција дека вакцините не предизвикуваат аутизам.