Мохамед Салах предизвика земјотрес во Ливерпул со експлозивното интервју кое го даде по натпрварот со Лидс Јунајтед, па така во вечер во која „црвените“ играа во Лигата на шампиони, фудбалските експерти голем дел од времето посветија на египетската ѕвезда.
Англиските телевизии побараа мислења од поранешни фудбалери за чекорот за кој се одлучи Салах, а интересно во негова одбрана не застана ниту Даниел Стариџ.
Како колега на Алан Ширер во програмата на „Амазон прајм“, Стариџ даде краток коментар за испадот на Салах, при што нагласи дека едноставно останал разочаран од зборовите кои ги употребил фудбалерот со кој ја делеше соблекувалната од 2017-та до 2019-та година.
– Тоа што не влезе на теренот против Лидс го натера да излезе со таква изјава, тоа е моето скромно мислење на оваа тема. Очигледно остана изненаден што остана на клупа и тоа го натера да реагира бурно.
– Да бидам искрен, разочаран сум од мојот пријател, неговата реакција беше толку лоша…. Избра ужасен начин да го искаже незадоволството. Се надевам дека ова е само момент на лудило и дека повторно може да биде добар за луѓето од Ливерпул, – изјави Стариџ.






