Најголемиот град во американската сојузна држава Минесота минатиот месец накратко бил постуден од Марс.
Кон крајот на ноември, бран многу студено време во Минеаполис ја спушти температурата околу 10 степени под историскиот просек, објаснил метеорологот на „AccuWeather“, Брајан Лада. Дневните температури се движеле помеѓу околу минус 4 и минус 2 степени Целзиусови, што бил најстудениот период за речиси 430.000 жители на градот уште од февруари.

На Црвената планета, оддалечена околу 362 милиони километри од Земјата, NASA-иниот ровер „Curiosity“ истовремено измерил дневни температури од околу минус 1 степен Целзиусови.
Сепак, ситуацијата драматично се менува по зајдисонцето.

Додека вечерните температури во Минеполис паѓале во опсег од околу минус 10 до минус 5 степени Целзиусови, на Марс минималните вредности паѓале дури до околу минус 73 степени Целзиусови.
„Ова е потсетник дека, дури и кога попладневните температури изгледаат слично, Црвената планета сè уште е сосема различен свет“, рекол Лада.
Зошто Марс е толку студен?

Марс е значително подалеку од Сонцето отколку Земјата и има исклучително тенка атмосфера која не може ефикасно да ја задржи топлината, наведува НАСА.
Додека Земјата се движи по орбита од околу 149,6 милиони километри од Сонцето, Марс е оддалечен приближно 228,5 милиони километри.
Иако атмосферата на Земјата е тенка, таа сè уште е многу погуста од марсовската. Атмосферскиот притисок на Марс изнесува околу еден процент од притисокот на површината на Земјата, според податоците на „Earth Observatory“ центар на НАСА.
Поради тоа, температурите на Марс можат да опаднат и до околу минус 143 степени Целзиусови, што е ниво на студ неприфатливо за живот. Дури и на Земјата, луѓето можат да измрзнат на температури малку над нулата, поточно над 0 степени Целзиусови, што е точка на замрзнување на водата.
Недостатокот на значителна количина водена пареа на Марс исто така овозможува топлината многу брзо да исчезне кога Сонцето заоѓа, додава Лада.

Сепак, тоа не значи дека Марс нема временски појави. Во многу аспекти, тие можат да се споредат со оние на Земјата. Марс и Земјата имаат годишни времиња, силни ветрови, облаци и невремиња полни со електрични празнења.
Облаците на Марс веројатно се составени од ледени кристали вода, но поради екстремниот студ не создаваат дожд. НАСА наведува дека врнежите на Марс најверојатно се во форма на мраз. Почвата често е постудена од воздухот, особено за време на ведри ноќи, па воздухот при допир со површината дополнително се лади, а водата од него замрзнува и остава тенок слој мраз. Ландерот „Viking II“, кој слета на Марс во 1970-тите, неколку пати во утринските часови забележал мраз на почвата.
Роверот „Curiosity“ ја следи марсовската временска состојба уште од своето слетување во кратерот Гале во 2012 година. Кратерот се наоѓа на јужната хемисфера на Марс, блиску до екваторот.
На 1 декември во кратерот Гале дневната температура достигнала околу минус 4 степени Целзиусови, додека ноќната била околу минус 71 степен Целзиусов.














