Американската пејачка Кејти Пери неделава направи чекор кон светот на политиката, придружувајќи му се на својот партнер, поранешниот канадски премиер Џастин Трудо, на дипломатска посета во Јапонија.
На 3 декември, Пери и Трудо се сретнаа со поранешниот јапонски премиер Фумио Кишида и неговата сопруга Јуко. Кишида објави фотографија од четворицата пред новогодишна елка, нарекувајќи ја Пери „партнерка“ на Трудо.
„Поранешниот канадски премиер Џастин Трудо ја посети Јапонија со својата партнерка и заедно ручавме со мојата сопруга“, напиша Кишида.
カナダのトルドー前首相(@JustinTrudeau)がパートナーと来日され、私たち夫妻と昼食をご一緒しました。
— 岸田文雄 (@kishida230) December 4, 2025
総理時代には首相同士何度もお会いし、カナダ訪問時には「日加アクションプラン」の策定など、二国間関係強化に共に汗をかいた仲です。
こうして交友を続けられていることを嬉しく思います。 pic.twitter.com/t9RkbMyip5
Тој додал дека за време на нивните премиерски мандати се сретнувале повеќепати и соработувале на зајакнување на билатералните односи, вклучително и креирањето на „акцискиот план Јапонија – Канада“.
„Одлично е повторно да те видам, Фумио. Кејти и јас навистина се израдувавме што ја имавме шансата да поразговараме со тебе и со Јуко. Благодарам за твоето пријателство и за посветеноста на подобра иднина за сите“, му одговорил Трудо, реобјавувајќи ја заедничката фотографија.

Да потсетиме, Кејти Пери и Џастин Трудо првпат беа забележани заедно во јули, непосредно по нејзиното разделување од Орландо Блум, кое се случи во јуни. Трудо, пак, се раздели од сопругата Софи Грегор во 2023 година, по 18 години брак.
Нивните заеднички појавувања продолжија иако Пери патуваше низ светот, одржувајќи ја својата актуелна концертна турнеја. На 25 октомври тие официјално се појавија како пар, присуствувајќи на кабаре шоу во Париз по повод нејзиниот 41. роденден. Фотографиите од вечерта ги прикажаа насмеани и држејќи се за рака. Сепак, средбата со Кишида е првпат Пери јавно да го придружува Трудо во политички контекст.
Извор близок до пејачката неодамна изјави за „Пипл“ дека парот веќе прави планови за празниците и дека нивната врска станува посериозна.
Пери ја завршува својата осуммесечна светска турнеја со последниот концерт во Абу Даби на 7 декември, па зимската пауза ќе биде посветена на одмор. Покрај тоа, Пери има и важна улога дома – таа е мајка на петгодишната Дајзи Дав, која ја доби со Орландо Блум.
„Сега е самохрана мајка и идната година тоа уште повеќе ќе дојде до израз“, додава изворот.












