„Човековите права пред секој економски интерес“: Четири земји се повлекоа од Евровизија по одобрувањето на учеството на Израел

Точка

05/12/2025

13:08

565

Големина на фонт

а а а

Ирска, Шпанија, Словенија и Холандија одлучија да го бојкотираат следното натпреварување за песна на Евровизија, откако на Израел му беше овозможено учество на натпреварувањето во 2026 година во Виена, и покрај барањата на повеќе земји да биде исклучен поради војната во Газа.

На состанокот на Генералното собрание на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), организаторот на меѓународното музичко натпреварување, учесниците гласаа за воведување нови правила што би спречиле несоодветно промовирање на песните од страна на владите и трети страни со цел да се влијае врз гласањето, пренесува „Guardian“.

„Поголемиот дел од членките се согласија дека нема потреба да се одржи дополнително гласање за учеството на поединечни земји и дека Евровизија 2026 треба да се одржи како што е планирано, со дополнителни мерки за заштита“, соопшти ЕБУ.

По тоа, ирскиот јавен сервис „RTE“ соопшти дека нема да учествува ниту да ја емитува Евровизија 2026 година.


Тие наведоа дека учеството на Ирска е „неприфатливо поради ужасната хуманитарна криза во Газа и загубата на човечки животи“, додека шпанскиот емитер „RTVE“ и холандскиот „Avrotros“ исто така најавија повлекување од натпреварувањето, тврдејќи дека одлуката на ЕБУ не е соодветна и дека предизвикала „недоверба“.

„Претседателството на ЕБУ го одби барањето на „RTVE“ за посебно гласање за учеството на Израел. Оваа одлука ја зголемува недовербата на „RTVE“ во организацијата на фестивалот и го потврдува политичкиот притисок што ја опкружува“, се наведува во соопштението на шпанската медиумска куќа.

Шпанскиот министер за култура, Ернест Уртасун, ја поддржа оваа одлука, напоменувајќи дека е горд на „RTVE“ „кој ги става човековите права пред секој економски интерес“.


„Не можеме да го оправдаме Израел за геноцидот во Газа. Културата треба да биде на страната на мирот и правдата“, порача тој.

Холандскиот емитер „Avrotros“ соопшти дека, под моменталните околности, учеството „не може да се помири со јавните вредности кои се фундаментални за организацијата“. Словенечката национална телевизија „RTVSLO“ – прва што ова лето се закани со бојкот – соопшти дека учеството „би било спротивно на нејзините вредности на мир, еднаквост и почит“, пренесува Танјуг.

Во меѓувреме, претседателот на Израел, Исак Херцог, ја поздрави одлуката за учество на неговата земја, истакнувајќи дека Израел заслужува да биде претставен на секоја светска сцена.

„Драго ми е што Израел повторно ќе учествува на натпреварувањето за песна на Евровизија и се надевам дека натпреварувањето ќе остане она што промовира култура, музика, пријателство меѓу народите и прекугранично културно разбирање“, напиша тој на платформата „X“.

Во Германија, водечки политичари предложија емитерот „SWR“ да се повлече во знак на солидарност доколку Израел биде исклучен, додека австрискиот ТВ-канал „ORF“ соопшти дека сака Израел да учествува на натпреварувањето.

Евровизија 2026 година ќе се одржи во Виена, по минатогодишниот триумф на австрискиот пејач Џеј Џеј.