Меланија Трамп откри дека влегува во светот на филмската продукција со основање на сопствена продуцентска куќа „Muse Films“, а првиот проект ќе биде документарен филм едноставно наречен „MELANIA“ кој ќе ѝ понуди на јавноста личен и професионален портрет на првата дама на САД.
Во краток тизер што го објави на Икс, Меланија откри дека името „Muse“ е преземено од нејзиното кодно име што ѝ го дала Тајната служба за време на првиот мандат. Како што нагласи на тој начин има за цел да ги поврзе периодите од животот што го обликувале нејзиниот идентитет – од политичката сцена до личната интроспекција.
Филмот, во режија на Брет Ратнер, ќе се фокусира на периодот пред инаугурацијата во 2025 година, но нема да застане таму. Според достапните информации, проектот детално ќе се занимава и со приватниот живот на Меланија – нејзиниот секојдневен живот во семејниот дом, нејзината врска со Доналд Трамп и животот на нивниот син Барон, кој во голема мера остана надвор од медиумското внимание низ годините.

Иако Доналд и Барон ќе имаат споредни улоги во документарецот, двајцата ќе се појават во филмот, заедно со Меланија, што, според продукцијата, ќе го обезбеди „досега најинтимниот поглед на семејните моменти“ што јавноста немала можност да го види. Исто така во филмот, Меланија ќе ги сподели своите размислувања за тоа како ја доживеала својата улога за време на првиот мандат на нејзиниот сопруг, како и предизвиците што ги донела позицијата.
Според најавите од „Muse Films“, документарецот треба да се прикаже во кината кон крајот на јануари 2026 година, по што се очекува дистрибуција на стриминг платформите.










