Иако актерката Шенон Доерти почина во јули минатата година, изгледа дека нејзината борба на овој свет сè уште не е завршена. Адвокатите кои ја управуваат нејзината заоставштина сега водат правна битка против нејзиниот поранешен сопруг, фотографот Курт Исвариенка, тврдејќи дека тој не ги исполнува условите од бракоразводниот договор кој бил финализиран само еден ден пред нејзината прерана смрт на 53-годишна возраст.
Правниот тим кој ја застапува заоставштината на актерката тврди дека Исвариенка прекршил повеќе клучни обврски од постигнатата спогодба. Една од главните точки на спор е продажбата на нејзината куќа во Далас, вредна 1,5 милион долари, од која приходите требало да бидат поделени. Адвокатите тврдат дека тој одбива да ја стави куќата на продажба. Дополнително, во поднесоците се наведува дека Исвариенка моментално живее во друга нејзина куќа во Дрипинг Спрингс и дека одбива да ги врати нејзините лични предмети.

Освен тоа, Исвариенка до септември 2024 година требало да достави инвентар на фотографиите од актерката и да ги предаде сите копии, но во судските документи стои дека „сега касни 14 месеци“. Проблемите продолжуваат и со финансиските обврски. Според договорот, тој требало да го откупи уделот на актерката во авионот „Mooney M-20“ за 100.000 долари. Иако авионот е продаден, адвокатите тврдат дека задржал 50.274 долари и дека не ги уплатил останатите средства, пишува „People“.
Намерно го одолговлекувал разводот
Шенон Доерти и Курт Исвариенка се венчаа во 2011 година, а актерката поднесе барање за развод во 2023 година, откако ѝ се врати ракот на дојка во четврти стадиум – болест со која се бореше од 2015 година. За време на бракоразводната постапка, актерката тврдеше дека нејзиниот сопруг намерно го одолговлекува процесот и дека со години ѝ бил неверен.
Во еден од судските поднесоци таа изјави:
„Едноставно не е во ред Курт да смее да го одолговлекува нашиот развод во надеж дека ќе умрам пред да мора да ми плати, додека си го продолжува животот и ги избегнува своите обврски кон својата болна сопруга со која беше во брак повеќе од 11 години.“









