Дуото Некст Тајм ја претстави својата најнова музичка преработка - безвременската „Нема друга Македонија“, оригинално испеана од Војо Стојановски, со музика на Милан Завков и текст на Томислав Которчевиќ.
Новата верзија е дел од нивниот специјален акустичен проект „Live at Makedonium“, снимен во Крушево, кој опфаќа вкупно десет композиции, меѓу кои дел од албумот „Мајка“ и авторски песни на браќата Филиповски.
Во новиот аранжман учествуваат Стефан Филиповски како вокал, Мартин Филиповски на акустична гитара, Никола Мицевски на клавијатури и Владимир Крстев на виолина. Аранжманот го потпишуваат Мартин Филиповски и Николче Мицевски.
Говорејќи за изборот токму на ова парче, Стефан за Точка вели дека песната одамна е дел од нивниот репертоар и секогаш буди силни емоции кај публиката.
„‘Нема друга Македонија’ е новокомпонована песна, оригинално испеана од Војо Стојановски. Ја испеавме затоа што е преубава и затоа што ја вклучивме во нашиот репертоар на скоро секој јавен настан. Веруваме дека со сè што претходно препеавме имавме добар фидбек од публиката и тие ги прифатија нашите изведби како различни и автентични. Со таа цел ја пееме и оваа песна - да ја доближиме до младите кои можеби сè уште не ја знаат. Но искрено, веруваме дека нема такви, затоа што оваа песна е богатство за Македонија“, ни вели Филиповски.
Веднаш по објавувањето, видеото предизвика голема реакција на социјалните мрежи, а коментарите сведочат за силниот емоционален одек меѓу публиката: „Ежење“, „Навистина нема друга Македонија“, „Вие сте мелем за душа“, „Едни и единствени“, „Гордост наша“, само дел од реакциите на фановите.
Со оваа преработка, Некст Тајм уште еднаш ја потврдуваат својата посветеност кон негување на македонската музичка традиција и нејзино модерно претставување пред нови генерации слушатели.
Автор: Ц.Н.








