Изминатиов викенд Марко Маринковиќ – Слаткар имаше настап во локал во Скопје, па неговата публика можеше да ужива во песните кои одбележаа и сѐ уште одбележуваат едно поглавје во музиката.
Среде настапот и „хорот“ од публика којшто во еден глас заедно со Слаткар ги пееше неговите безвременски хитови, пејачот приредил момент којшто предизвикал емоции кај сите.

Во моментот кога ја изведувал својата емотивна песна „Да полетам“, Слаткар се симнал од сцената меѓу толпата публика со една цел – да го гушне момчето кое стана симбол за храброст, емпатија и ја враќа вербата во луѓето, младиот Јован Костадинов којшто во трагедијата во дискотеката во Кочани се враќал внатре да спасува животи.

„Во публика го лоцирав херојот од Кочани. Морав да се симнам и да го гушнам“, напиша Слаткар на социјалната мрежа Инстаграм каде објави фотографија од него и Јован.

Инаку, Јован, кој има само 19 години, постапил како вистински херој во трагедијата во Кочани која ја оцрни Македонија. Влегувал повторно и повторно, не еднаш, не двапати, туку повеќе од 20 пати во дискотеката на смртта, за да им помогне на оние што биле заробени од пламените јазици. Го ризикувал сопствениот живот за да спаси други.

Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце.








