Кевин Мекалистер се враќа? Меколи Калкин ја откри идејата за ново продолжение на култниот филм „Сам дома“

Точка

27/11/2025

16:32

286

Големина на фонт

а а а

Меколи Калкин, актерот кој ги обележа деведесеттите година со улогата на Кевин Мекалистер, изјави дека е подготвен да се врати во божиќната филмска франшиза „Сам дома“ (Home Alone), но само ако продолжението биде направено како што треба.

„Мора да биде навистина добро“, нагласува Калкин, кој моментално е на турнејата „Носталгична ноќ со Меколи Калкин“.


Во интервју за „Варајети“ тој ја откри и својата идеја за можен нов филм. Во неговата замисла, Кевин е денес возрасен маж, разведен или вдовец, кој сам го одгледува своето дете. Поради работните обврски и стресниот живот, тој несвесно го запоставува својот син, што создава напнат и нарушен однос меѓу нив.

„Некако ми дојде оваа идеја. Работам премногу, не му посветувам доволно време, детето ми се лути, и потоа се случува да останам заклучен надвор од сопствената куќа. А мојот син не ми отвора… и тој почнува да ми поставува стапици“, вели актерот.


Во новата верзија, улогите целосно се свртени: овојпат Кевин не е детето кое се брани од крадци, туку возрасниот што мора да преживее низа смешни и болни замки, поставени од неговиот син. Калкин објаснува дека куќата во приказната има и симболично значење.

„Куќата е метафора за нашиот однос. Тоа е најкраткиот и најјасниот опис на идејата што ја имам во овој момент. Не сум против ново продолжение, но само ако е вистинската приказна“, додава Калкин.

Филмот „Сам дома“ од 1990 година го претвори Калкин во една од најголемите детски ѕвезди во Холивуд. Лентата стана глобален хит со заработка од 476 милиони долари и беше вториот најуспешен филм во таа година. Калкин се појави и во продолжението од 1992 година, „Сам дома 2: изгубен во Њујорк“ (Home Alone 2: Lost in New York).

Но режисерот на оригиналот, Крис Коламбус, не го дели ентузијазмот за нова верзија. Тој ова лето изјави дека смета оти продолжение никогаш не треба да се снима.

„’Сам дома’ е многу специјален момент и не може повторно да се долови. Погрешно е да се обидуваме да создадеме нешто што веќе сме го направиле пред 35 години. Треба да се остави на мир“, смета режисерот.

Ниту Калкин, ниту Коламбус учествуваа во „Сам дома 3“ (Home Alone 3), продолжение од 1997 година кое најчесто остана заборавено. Следниот, четврти дел, излезе во 2002 година директно за телевизија.


„Дизни“ во 2021 година се обиде повторно да ја оживее франшизата со филмот „Сам дома: Божиќен специјал“ (Home Sweet Home Alone) за својата платформа Дизни плус, со младата ѕвезда Арчи Јејтс во главната улога. Но слабите критики само го засилија впечатокот дека некои класици е најдобро да останат недопрени.