[ФОТО] Запленет „Mercedes“ вреден 13 милиони долари!

Точка

26/11/2025

18:29

420

Големина на фонт

а а а

Американскиот "FBI" заплени исклучително редок автомобил — "Mercedes Benz CLK GTR Roadster“ од 2002 година, вреден околу 13 милиони долари.

Возилото е одземено во рамки на операцијата која "FBI" ја нарекува „Голем слалом“, насочена кон поранешниот олимписки сноубордер и еден од десетте најбарани бегалци во САД, Рајан Вединг.

Што федералните власти ќе направат со ваков колекционерски примерок, засега никој со сигурност не знае. "CLK GTR" е создаден како хомологационен модел што му овозможи на „Mercedes“ и „AMG“ кон крајот на деведесеттите години да настапат во категоријата Ле Ман.


Патни примероци има многу малку, а повеќето завршиле во приватни збирки. Според достапните податоци, произведени се само 28 автомобили: 20 купеа, шест „роудстери“ и два прототипа. Бидејќи овој примерок е без покрив, неговата вредност е меѓу највисоките.

Под хаубата на "CLK GTR" се наоѓа 6.0-литарски "V12" мотор кој ја испраќа силата кон задните тркала преку шестстепен секвенцијален менувач. Моторот е деклариран на нешто помалку од 600 коњски сили при 7.000 вртежи во минута — што само по себе звучи спектакуларно.


"FBI" го заплени возилото како дел од истрагата за криминална мрежа поврзана со Вединг, за кого постои сомнеж дека води широка меѓународна организација вклучена во трговија со дрога и перење пари.

Се смета дека Вединг се крие во Мексико, а американските власти го споредуваат со фигури како Хоакин „Ел Чапо“ Гузман и Пабло Ескобар. Американската државна обвинителка Пем Бонди изјави: „Тој контролира една од најпрофитабилните и најнасилни организации за трговија со дрога во светот“.


Според наводите, операцијата на Вединг генерира околу една милијарда долари годишно од нелегална трговија со дрога, па еден автомобил од 13 милиони долари делува како ситница во споредба со целокупниот обем на неговите активности.