[ВИДЕО] Виделе „Volvo“ среде езеро и мислеле дека е фотомонтажа — вистината е уште поневеројатна

Точка

20/11/2025

14:27

1.774

Големина на фонт

а а а

„Volvo островот“ стана неочекувана локална атракција, а на „Google Maps“ има рејтинг 4,9 и привлекува внимание од луѓе ширум светот.

Автомобил паркиран среде вода се претвори во симбол на апсурдот, собирајќи стотици коментари и сè повеќе љубопитни посетители.

Во средиштето на едно езеро во американската сојузна држава Илиноис се наоѓа глетка која изгледа како интернет-шега — минијатурно островче на кое од 2012 година стои паркиран автомобил. Се вика „Volvo Island“ и се наоѓа во Ратланд Тауншип, место со околу 3.700 жители, но денес има речиси 500 рецензии и оценка 4,9 на „Google Maps“.

На сателитската снимка се гледа само едно: сребрен „Volvo S80“ од 2001 година, паркиран на остров со големина на едно обично паркинг-место. Автомобилот намерно го поставил неговиот сопственик, локалниот автомеханичар и бизнисмен Скот Ман од блиската Отава, пренесува „Blic“.

Како настанал прочуениот „Volvo остров“

Сè почнало кога напуштениот каменолом бил претворен во вештачко езеро. На местото на денешниот остров некогаш постоела тесна земјена лента — всушност полуостров. Тогаш Ман добил необична идеја: го паркирал своето „Volvo“ на самиот врв на копното, а потоа со багер ја пресекол земјената врска, оставајќи го автомобилот „заробен“ на островчето.

Првично планирал да организира натпревар: кој ќе погоди како автомобилот стигнал таму — добива награда. Но од идејата се откажал бидејќи се плашел дека некој би можел да настрада обидувајќи се да доплива до островот. Езерото е доста длабоко и има нагол премин од плитко кон дванаесетметарска бездна.

И така — автомобилот останал таму каде што е.

Приказната брзо се проширила по интернет, стигнала до американските медиуми, "Reddit" и бројни "YouTube" канали посветени на чудни места. Во 2015 година, „Google“ официјално ја означил локацијата како „tourist attraction“, па „Volvo Island“ станал задолжителна станица за љубителите на необични географски феномени и интернет-митови.

Посетителите оставаат и духовити коментари:

„Најбезбедното место во Америка.“

„Го видов Бог на овој остров.“

„Совршено за семеен викенд.“

На „Google Street View“ се гледа дури уште едно „Volvo“ — потопено во водата веднаш до островот.

Сопственикот размислувал да го заштити автомобилот — но се предомислил

Скот Ман со години размислува како да ги спречи љубопитните пливачи да не се обидуваат да стигнат до островот, бидејќи стравува дека некој би можел да се удави во длабоката вода. Размислувал дури и да залепи реклами на автомобилот, но се откажал бидејќи, како што вели, тоа би ја уништило суштината на овој необичен феномен: „целосната и оригинална бесмисленост — автомобил среде езеро без никакво објаснување“.