Македонската пејачка Тина Русева, која живее и работи во Германија, вечерва ќе се појави во една од најважните етапи од музичкото шоу „The Voice of Germany“ - Teamfights. Настапот ќе биде емитуван во 20:15 часот на телевизијата SAT.1.
Русева на Инстаграм ја најави изведбата, истакнувајќи дека публиката ќе ја види во ново, поемотивно и поелегантно сценско издание. Според најавата, Тина подготвила настап кој носи силни чувства и претставува клучен момент на нејзиниот пат кон полуфиналето.
Што претставува фазата Teamfights?
Teamfights е решавачка точка во натпреварувањето. Во оваа фаза, членовите на секој тим настапуваат индивидуално, а жирито носи одлука кои од нив ќе продолжат понатаму. За разлика од претходните Battles, каде натпреварувачите пеат во дуели, Teamfights овозможуваат секој кандидат самостојно да го покаже својот вокален квалитет, интерпретација и сценска зрелост.
Ова е момент во кој се селектираат најсилните гласови од секој тим - одлука што го одредува составот на натпреварувачите кои ќе продолжат во следната, уште поелитна етапа. Затоа, Teamfights се сметаат за една од најстрогите и најемотивни фази, бидејќи токму тука се прави јасна разлика меѓу добар и одличен кандидат.
Русева како фаворит меѓу младите таленти
Тина Русева го привлече вниманието на јавноста уште на Blind Auditions, каде со моќна интерпретација го освои жирито. Родена во Струмица, Русева последните години ја гради кариерата во Германија, каде со својот вокал и сценски настап се наметнува како еден од најинтересните млади таленти во оваа сезона на шоуто.
Струмичанката вечерва ќе се бори за пласман во полуфиналето, а македонската публика има можност да ја следи и да ѝ даде поддршка.
Автор: Ц.Н.












