Викторија Бекам се присети на деновите на својата најголема слава, кога пееше со „Спајс грлс“, изведувајќи го хитот од 1997 година „Viva Forever“ во акустична верзија заедно со нејзиниот 20-годишен син Круз.
Во видеото што во средата го сподели Круз Бекам на Инстаграм, Викторија, позната како Пош Спајс, седи на кревет во дневната соба и игра додека нејзиниот син свири гитара и пее. Зад камерата беше и легендарниот Дејвид Бекам, кој во последниот рефрен се вклучи на негов шеговит начин.
„Извинете, сè расипав“, се пошегува поранешниот фудбалски ас.
Многумина веднаш почнаа да претпоставуваат за можен камбек на „Спајс Грлс“, а минатиот месец Викторија коментираше за потенцијалното повторно обединување со Мел Би (Scary Spice), Мелани Си (Sporty Spice), Гери Халиуел (Ginger Spice) и Ема Бантон (Baby Spice).
Гостувајќи кај Енди Коен, на прашањето за повторното обединување на групата, Викторија призна:
„Звучи примамливо“.
Додаде и дека светска турнеја би била преголем залак за неа:
„Не можам да постигнам. Имам работа.“
Викторија се пошегува и на сопственa сметка и на своите вокални способности:
„Не знам ни дали уште можам да пеам. Никогаш не бев добра.“
„Спајс Грлс“, кои беа заедно од 1994 до 2000 година, неформално повторно се собраа на прославата за 50-тиот роденден на Викторија, каде што го изведоа својот хит од 1997 година „Stop“. Нивниот последен заеднички настап беше на затворањето на Олимписките игри во Лондон во 2012 година.










