[ВИДЕО] „Mankeeping“: Загрижувачки тренд поради кој жените се откажуваат од врските и состаноците

Точка

21/11/2025

15:14

902

Големина на фонт

а а а

Иако врските често се опишуваат како двонасочна улица, сè поочигледно е дека жените во нив ја извршуваат лавовската работа.

Поради тоа, многумина остануваат без трпение и сè почесто се откажуваат од состаноци, а причината е загрижувачкиот тренд познат како „mankeeping“ – појава во која жените даваат многу, а за возврат речиси ништо не добиваат.

Што всушност е „mankeeping“?

Терминот минатата година го воведоа истражувачи од Универзитетот Стенфорд, психологот Анџелика Ферара и социологот Дилан П. Вергара, опишувајќи го како „невозвратен труд кој жените го вложуваат за да управуваат со емоционалните и социјалните потреби на мажите во нивниот живот“. Да бидеме прецизни – тие се претвораат во дадилки и се грижат за нив. Истражувачите истакнуваат дека тој товар најчесто паѓа на партнерката, а нејзиниот труд ретко е возвратен или вистински ценет.


Во пракса, „mankeeping“ значи дека жената го води речиси целиот живот на својот партнер, а жените (вклучително и генерацијата Z) велат дека се уморни и дека им е доста од тоа.

Ова оди подалеку од домашните задачи и вклучува организирање на неговиот социјален календар, купување подароци во негово име за неговите пријатели или резервирање термини кај забар – сето тоа додека се грижи и за неговите физички и емоционални потреби. Клучниот аспект на сето ова е токму недостатокот на благодарност и взаемност за вложениот труд.

Корените на проблемот во машката осаменост

Овој феномен е своевидно проширување на поимот „kinkeeping“, кој го опишува трудот вложен во одржување на семејните врски – задача што исто така традиционално им припаѓа на жените.


Ферара и Вергара сметаат дека за порастот на овој тренд одговорни се „опаѓањето на социјалните интеракции“ кај мажите, односно таканаречената епидемија на машка осаменост.

Поради недостигот од пријателства кои им даваат емоционална поддршка, мажите целиот притисок го префрлаат на своите партнерки. Според зборовите на Ферара, во таквите врски жените често ја преземаат улогата на „учителки за социјални вештини“ и ја извршуваат задачата на „создавање и одржување пријателства“ за својот партнер.

Жените масовно се откажуваат од состаноци

Откако научниот труд беше објавен во списанието „Psychology of Men & Masculinities“, поимот се прошири на социјалните мрежи. Ферара објаснила дека нејзината намера била поимот „да им даде на жените јазик и чувство на оснажување во врска со нивните поплаки“. Сепак, се чини дека вистинскиот резултат е тоа што овој тренд многу жени целосно ги одвраќа од потрага по љубов.


Тоа го потврдуваат и статистиките. Според неодамнешно истражување на „Pew Research“, во САД само 38 проценти од слободните жени активно бараат врска, во споредба со 61 процент од мажите. Ситуацијата е уште поизразена во Обединетото Кралство, каде што дури 76 проценти од самците изјавиле дека во последната година воопшто не се ни обиделе да пронајдат партнер, покажува извештајот на агенцијата „Mintel“.

Иако податоците се однесуваат на двата пола, психолозите заклучуваат дека тие јасно укажуваат дека голем број „слободни жени се повлекуваат од светот на состаноците“.