Утрехт е прогласен за град кој е најприлагоден за велосипедисти во светот според „Copenhagenize Index“, а жирито го опиша како „град во чија срж е велосипедизмот“.
Иако 96 проценти од луѓето, ако ги прашате кој град во Холандија го посетиле, ќе ви одговорат Амстердам, Холандија дефинитивно не се сведува само на тоа. Земјата, иако по површина релативно мала, е густо населена, па на нејзина територија живеат дури 17 милиони луѓе.
Утрехт не е попознат ниту попопуларен од Амстердам, но многумина сметаат дека е поубав и повеќе од вреден за посета.

Во последните две години Утрехт беше на второто и третото место на ранг-листата, веднаш зад Копенхаген. Оваа година Копенхаген падна на второто место, а следуваат Гент, Амстердам и Париз.
Улицата "Nahthegalstraat" е пренаменета во велосипедска улица со стеснување на лентите за автомобили, "Amsterdamsestraatweg" доби пошироки велосипедски патеки и намалено ограничување на брзината, додека "Vesterlijke Stadsboulevard" е преуредена во зелен булевар со безбедни пешачки премини.

Особено беа пофалени трансформациите на повеќе улици, пишува „NL Times“.
Жирито го издвојува и програмот кој им овозможува на жителите со пониски приходи да купат преработен велосипед за 30 евра со една година бесплатни поправки, како и плановите на градот за создавање зона целосно без автомобили.

Градот Утрехт: Што да се види?
Од централната станица во Амстердам, до Утрехт со воз ќе ви требаат околу половина час.
Утрехт е главен град на истоимената холандска провинција и четвртиот по големина град во земјата. Тука се наоѓа и најголемиот универзитет во Холандија — „Utrecht University“, со околу 26.000 студенти.

Утрехт ги освојува туристите со пријатната, релаксирана атмосфера и со мешавината од историја и модерен живот. Најпознатиот симбол на градот е "Dom" кулата, највисоката во Холандија, од која се пружа прекрасен поглед врз целиот град. Веднаш до неа е готската катедрала "Domkerk", срцето на стариот дел.
Посебна магија на Утрехт му даваат неговите канали со ниски, старински кејови — единствени во Европа. По нивниот раб се редат мали кафулиња, ресторани и галерии, па се идеални за прошетка или за возење со чамец. Градот нуди и интересни културни места како Музејот на возови, модерниот „Centraal Museum“ или прочуената куќа "Rietveld Schröder", вреден примерок од наследството на УНЕСКО .
За бегство од градскиот метеж, тука се мирните ботанички градини на Универзитетот во Утрехт, а околу плоштадот "Neude" секогаш е живо, полно со барови, продавници и улична енергија. Утрехт е компактен, шармантен и топол град – совршен за лесно и уживачко истражување.










