Гратче на езеро окружено со високи планини, со црква што „ѕирка“ од низа живописни покриви…
Австрискиот Халштат е навистина нешто посебно и секој треба да го посети барем еднаш во животот. Можеби во зима додека трае адвентскиот саем?
Најубавото село во светот е особено магично во текот на адвентскиот период
Со право може да се каже дека неговата позната фотографија – црквата и куќите, планинските врвови и езерото – е една од најпознатите разгледници од Австрија, но и место каде што традицијата, културата и историјата се среќаваат со оваа огромна убавина.

Шармантниот и светски познат Халштат, некогаш наречен најубавото село во светот и понатаму мами воздишки. Се наоѓа во австрискиот регион Залцкамергут, а во 1990-тите беше вклучен во списокот на светско наследство на УНЕСКО поради неговото природно и културно значење.
Прошетка низ градот „облечен“ во свечена празнична облека
Од крајот од ноември, целото село се трансформира во вистинска зимска идила, со мразулци што блескаат на покривите на куќите од 16 век и мирис на меденки што се шират низ тесните, калдрмисани улички.

Божиќниот саем на Марктплац, кој може да се посети за време на празничната прошетка низ градот е посебно искуство: штандовите се полни со рачно изработени декорации, греено вино со разни зачини и локални слатки, со звуци на божиќни песни.
Празнична атмосфера, рудник за сол и костурница
Покрај традиционалната празнична атмосфера, љубителите на културата можат да го истражат еден од најстарите рудници за сол во светот, „Халштат“, или да ја посетат Костурницата (Ossuary), позната и како Куќа на коски, позната по својата исклучителна колекција од човечки черепи и коски.


За љубителите на активности на отворено, зимските патеки за планинарење се извиваат низ шуми покриени со снег, додека блискиот Дахштајн Вест нуди одлично скијање за почетници, средно искусни скијачи и семејства. Како што се стемнува, нежно осветлените улици на градот ве повикуваат да прошетате, при што секој агол открива нова, совршена сцена како од разгледница.
Сместување со камин покрај самото езеро
Ако планирате посета на Халштат, таму постои еден особено посебен сместувачки капацитет. „Loft am See“ се наоѓа веднаш до езерото и дава чувство како да сте во бајка. Големите прозорци од подот до таванот нудат поглед на прекрасниот снежен пејзаж, додека елегантниот ентериер и пријатниот камин обезбедуваат совршено место за релаксација.


Откако ќе го поминат денот во истражување, гостите можат да се релаксираат на приватната тераса, сркајќи греено вино и гледајќи како снегулките полека паѓаат над езерото.



Овој прекрасен сместувачки капацитет има оценка од 9,8 на Букинг, што доволно кажува за тоа колку е посебен, а може да се резервира преку целата година. Доколку сте заинтересирани за декември, побрзајте, има многу малку преостанати датуми!
















