Титулата Мис Универзум 2025 ја освои Мис Мексико, Фатима Бош, девојката за која дури и обложувалниците предвидувале дека има најголеми шанси за победа.
Нејзиното натпреварување беше обележано со скандал
Нејзиното учество беше обележано со скандал. Имено на почетокот на натпреварувањето, кога убавиците пристигнале на Тајланд, сите очи биле вперени во 25-годишната девојка бидејќи таа демонстративно ги напуштила подготовките откако еден од директорите на организацијата јавно ја прозвал.
За време на непријатниот говор пред натпреварувачките, кој беше емитуван во живо на Фејсбук на 4 ноември, тајландскиот претприемач, Нават Ицарагрисил ја прозвал Бош за наводно неисполнување на нејзините промотивни обврски. Додека таа се обидувала да ја објасни ситуацијата, Ицарагрисил ја прекинал, ја нарекол „глупава“ и на крајот побарал од обезбедувањето да ја отстрани од настанот.
„Мексико, каде си?“ прашал тој откако неколку минути ја прозивал неименуваната натпреварувачка. Кога Бош станала, тој продолжил: „Слушнав дека не сте се согласиле да објавувате сè за Тајланд. Дали е тоа вистина?“ Во еден момент, тој им порачал на натпреварувачките: „Ако ги следите наредбите на вашиот национален директор, тогаш сте глупави“.
Бош му возвратила: „Не ме почитувате како жена“, по што го тој го повикал обезбедувањето, предизвикувајќи гласни протести и извици „не“ од другите натпреварувачки.
Снимките објавени на социјалните мрежи покажаа како некои од натпреварувачките, вклучувајќи ја и минатогодишната Мис Универзум, Данската претставничка Викторија Кјар Теилвиг, го напуштаат настанот во знак на протест. Отакако го напуштила настанот Мис Мексико потврдила дека Нават ја нарекол „глупава“.
Инаку, Итсарагрисил, тајландски бизнисмен е претседател на Мис Гранд Интернешнл, како и потпретседател за Азија и Океанија во рамките на организацијата Мис Универзум.
Истиот ден, организацијата објави видео во кое претседателот Раул Роча Канту остро ги осуди „злонамерните постапки“ на Итсарагрисил кон Бош.
„Сакам јасно да ја изразам мојата голема огорченост кон Нават за јавниот напад што го направи против Фатима Бош“, ркол Канту, додавајќи дека Итсарагрисил „ја понижил, навредувал и покажал недостаток на почит кон неа, со сериозно малтретирање повикувајќи го обезбедувањето за да заплаши беспомошна жена, обидувајќи се да ја замолчи и да ја исклучи“.
„Нават, мора да престанеш“, му порачал Канту, истакнувајќи дека Итсарагрисил дејствувал од „неговата постојана желба да биде во центарот на вниманието“. Поради инцидентот, неговото учество во понатамошни настани било „ограничено на минимум“, а биле најавени „корпоративни и правни дејствија“.
Набргу по инцидентот се огласи и самата Фатима. „Сакам да ѝ порачам на мојата земја, не се плашам да го кренам гласот. Посилен е од кога било“, рекла таа. „Ние сме во 21 век, а јас не сум кукла што може да се нашминка, стилизира и пресоблекува. Дојдов тука да бидам гласот на сите жени и девојки кои се борат за своите цели“, додала Бош.
Организацијата за мексикански избор за убавина, исто така, ѝ упати поддршка. „Она што се случи денес со Фатима во Тајланд е неприфатливо. Ниту една жена, под никакви околности, не заслужува да биде навредувана или понижена“.
Итсарагрисил подоцна се извинил преку пренос во живо на ТикТок. „Ако некој се чувствувал лошо, ако некој се чувствувал непријатно… им се извинувам на сите“, рекол тој, признавајќи дека можеби дошло до недоразбирање во комуникацијата. И покрај извинувањето, скандалот фрли сенка врз подготовките за изборот за „Мис Универзум 2025“.
Фатима Бош е 25-годишна мексиканска манекенка и кралица на убавината од Табаско. Таа влегла во светот на изборите за убавина во 2018 година и ја освоила титулата „Мис Универзум Мексико 2025“ откако победила на изборот за убавина „Мис Универзум Табаско“.


Таа често зборувала за тоа како се соочувала со малтретирање во училиште поради нејзината дислексија и АДХД. Студирала моден дизајн на Ибероамериканскиот универзитет во Мексико.
Откако ја освои престижната титула, таа доби повеќе од 990.000 следбеници на Инстаграм и повеќе од 690.000 на ТикТок. Кога пристигнала во Тајланд, таа брзо станала една од најследените кандидатки. Медиумите повремено ја поврзуваа со фудбалерот Кевин Алварез, но таа врска никогаш не беше потврдена.