Свесни или не – веќе живееме во свет на научна фантастика

Точка

19/11/2025

18:17

353

Големина на фонт

а а а

Некои набљудувачи дури сметаат дека невротехнологијата на крајот би можела да стане револуционерна исто колку и многу поистакнатиот напредок на „AI“.

Од преведување мисли во зборови, до можност парализирани луѓе повторно да одат – полето на невротехнологијата тивко, постепено, но сигурно напредува, буди надеж за медицински пробиви, но истовремено отвора и длабоки етички дилеми.

Некои експерти предупредуваат дека невротехнологијата би можела да стане подеднакво револуционерна како и вештачката интелигенција.

„Луѓето не сфаќаат до кој степен веќе живееме во свет на научна фантастика“, изјави за AFP истражувачката од „King’s College London“, Ен Ванхостенберге.

Таа раководи лабораторија која развива електронски уреди што се имплантираат во нервниот систем на пациентот – не само во мозокот, туку и во ’рбетниот мозок, од каде што сигналите се пренесуваат кон остатокот од телото.

Последниве неколку години донесоа сериозни пресврти во невротехнолошките истражувања. Во јуни, научници од Калифорнија открија дека мозочен имплант може речиси моментално да ги преведе зборовите на пациент со ALS во говор – за само една четириесетина од секундата. ALS е прогресивна невродегенеративна болест што ги уништува моторните неурони во мозокот и ’рбетниот мозок, водејќи до целосна загуба на контрола врз мускулите.


Швајцарски истражувачи, пак, им овозможија на неколку парализирани лица повторно да воспостават значителна контрола врз телото – вклучувајќи и повторно одење – така што им имплантираа електроди во ’рбетниот мозок.

Овие експерименти и другите пионерски проекти сè уште се далеку од целосно враќање на способноста за говор или движење. Но останува да се види како оваа технологија би можела да стане достапна за пациентите ширум светот. Во многу случаи, ќе биде потребна и инвазивна операција на мозок.

„Сепак, јавноста воопшто не е свесна што веќе постои и што веќе ни ги менува животите“, вели Ванхостенберге, нагласувајќи дека уредите стануваат сè поефикасни – и тоа со неверојатна брзина.


Маск сака „синергија“ меѓу човекот и вештачката интелигенција

„Порано ни требаа илјадници часови обука за AI да состави реченица од човечки мисли, а денес ни требаат само два часа“, објаснува таа.

Невротехнологијата доби силен поттик од научниот напредок – подобро разбирање на мозокот – но и од технолошки развој, кој доведе до тоа уредите да станат доволно мали за да се вградат во човечкиот череп.

Алгоритмите со вештачка интелигенција драматично го забрзаа процесот, овозможувајќи поефикасно толкување и претворање на мозочните сигнали.

Бројни стартапи кои почнаа да се појавуваат во доцните 2000-ти веќе инвестираа десетици милијарди долари во ова поле, а резултатите конечно се појавуваат.

Најпознат пример е „Neuralink“ на Илон Маск, кој тврди дека досега имплантирал чип во дванаесет луѓе. Но експертите се претпазливи и често скептични.

„Neuralink засега е само илузија обвиена со многу помпа“, изјави за AFP Херве Шнеивис, невролог и етичар од францускиот INSERM. „Но кога ќе почнат да произведуваат комерцијални уреди – а тоа нема да биде далеку – ќе биде предоцна да се замислиме.“

Многу експерти се загрижени за етичките последици, особено затоа што одредени компании гледаат примена надвор од здравството – како алатка за подобрување на когнитивните способности.

Маск дури изјави дека целта е „Neuralink“ да им овозможи на луѓето да постигнат симбиоза со AI.


Закана по нашите најдлабоки мисли

Во тој контекст, „UNESCO“ неодамна усвои препораки за тоа како државите треба да ја регулираат невротехнологијата.

Авторите – меѓу кои е и Шнеивис – усвоија широка дефиниција која ги опфаќа и веќе достапните уреди, како паметни часовници и слушалки што не комуницираат директно со мозокот, но мерат параметри што откриваат многу за психичката состојба на корисникот.

Главниот ризик денес, вели Шнеивис, е нарушувањето на приватноста – односно дека се загрозени и нашите најдлабоки мисли.

Тој предупредува дека, на пример, невротехнолошки податоци би можеле да стигнат „во рацете на вашиот шеф“, кој би можел да процени дека не размислувате доволно за работата. Некои компании веќе се обидуваат да се справат со ваквите проблеми.

Кон крајот на минатата година, американската држава Калифорнија – глобален центар за невротехнолошки истражувања – усвои закон што ги штити „податоците зачувани во мозокот“ на потрошувачите.