Се огласи „Cloudflare“ по глобалниот пад на интернетот, од компанијата ја објаснија причината: „Ги изневеривме корисниците“

Точка

19/11/2025

15:30

426

Големина на фонт

а а а

„Cloudflare“ официјално објави детали за тоа што го предизвика големиот глобален прекин во функционирањето на интернетот, кој вчера погоди милиони корисници и накратко урна бројни популарни сервиси, меѓу кои и „ChatGPT“, „X“, „Canva“ и многу други.

Од компанијата наведуваат дека до проблемот дошло поради грешка во нивниот систем за управување со бот-сообраќајот. Внатрешна измена во базата на податоци довела до генерирање на конфигурациска датотека која била значително поголема од она што системот можел да го обработи. Таа датотека потоа била дистрибуирана низ глобалната мрежа на „Cloudflare“, по што клучните модули за обработка на сообраќајот почнале да откажуваат, предизвикувајќи бран „5xx“ грешки и пад на голем број сервиси.


Имајќи предвид дека „Cloudflare“ штити и забрзува околу една петтина од сите веб-страници на интернет, ефектите се почувствуваа ширум светот. Платформите кои ги користат нивните услуги забележаа целосни прекини или сериозни забавувања.

Иако во првите минути се шпекулираше дека станува збор за DDoS-напад, „Cloudflare“ потврди дека нема никакви индикации дека инцидентот е последица на сајбер-напад. Проблемот е исклучиво интерен и вклучува комбинација на конфигурациска грешка и софтверски ограничувања.

Извинување и најавени мерки

Извршниот директор на „Cloudflare“, Метју Принс, им се извини на корисниците и истакна дека инцидентот е „неприфатлив“, ветувајќи мерки за да се спречи повторување на ваков дефект. Меѓу мерките се построга контрола на големината на конфигурациските датотеки, зајакнување на безбедносните механизми во рутирањето на сообраќајот и воведување итни процедури за брзо исклучување на проблематични модули.

„Го изневеривме интернетот денес. Еве го нашиот технички извештај за тоа што се случи. Во име на целиот тим на ‘Cloudflare’, жал ми е“, истакна Принс во објава на платформата „X“.