Магазинот „Time Out“ објави кратка листа на најдобрите зимски „city break“ дестинации, а на првото место се најде Атина во Грција, која ја опишуваат како најпотценета дестинација за патување во оваа доба од годината.
Зимата пристигна и со себе го носи периодот во кој многумина би останале во кревет под топло ќебе. Сепак, ако сте подготвени да излезете надвор, ќе откриете дека и кратко зимско патување може да биде сосема доволно.
Освен бегството од божиќниот метеж и нешто на што можете да се радувате, постои уште една предност: можете да посетите некои од најпознатите европски градови без масите туристи кои вообичаено пречат.
Магазинот „Time Out“ ја објави својата листа на најдобри зимски „city break“ дестинации во Европа, а на врвот е Атина.
Грчката престолнина е позната како летна дестинација, со температури кои летно време достигнуваат и до 40 степени Целзиусови, но „Time Out“ пишува дека градот всушност е многу попријатен во овој дел од годината.
Џон Овенс од „Time Out“ толку многу ја засакал Атина во текот на зимата што минатата година одлучил да ја помине целата сезона таму. Според неговите зборови, „градот никогаш не паѓа во целосна хибернација“, што значи дека има многу што да се прави од септември до март.
Овенс смета дека Атина може да ја „преземе круната од Лисабон“ како водечка европска дестинација за дигитални номади, благодарение на ниските трошоци за живот, топлиот начин на живеење и интересната, малку „посирова“ елеганција.

Времето е изненадувачки пријатно, а во убав зимски ден температурите можат да достигнат и до 20 степени.
Втората најпотценета дестинација за зимски одмор на листата е Венеција. Овој град е познат по гужвите, но ако го планирате патувањето за јануари или февруари, ситуацијата е многу поопуштена.
Мадрид го зазеде третото место. Во суштина, ако сакате одмор без борба со други гости за топло чоколадо во центарот на градот, ова е вистинското место за вас.










