Страдате од хроничен запек? Експертите препорачуваат почеста консумација на овие три намирници

Точка

25/10/2025

21:36

300

Големина на фонт

а а а

Од хроничниот запек страда повеќе од десет отсто од светската популација, сериозно нарушувајќи го квалитетот на нивниот живот.

Иако најчесто се препорачува зголемување на внесот на вода и растителни влакна, истражувањата покажуваат дека повеќе од половина од заболените остануваат незадоволни од резултатите. Тим експерти од Британската диететска асоцијација ги нуди првите диететски упатства засновани на докази кои би можеле да дадат вистинско олеснување, пишува „EatingWell“.


Научно потврдени препораки

За да формулираат јасни упатства, истражувачите анализирале 75 клинички студии во рамките на четири систематски прегледи и мета-анализи. Нивната цел била да обезбедат специфични, ефикасни и практични препораки за возрасни со хроничен запек, фокусирајќи се на ефектот на одредена храна, додатоци и пијалаци.

Резултатите се објавени во списанијата „Journal of Human Nutrition and Dietetics„ и „Neurogastroenterology & Motility“ и претставуваат прв сеопфатен водич што оди подалеку од општите совети.

Храна за која е докажано дека го олеснува запекот

Експертите идентификувале три клучни намирници кои имаат најсилен ефект врз регулирањето на варењето на храната:

Киви: Јадењето две до три киви дневно во текот на најмалку четири недели докажано ја подобрува зачестеноста на празнењето и намалување на болките во стомакот. Тоа е речиси исто толку ефикасно како додатоците од псилиум.


Сливи: Тие се покажале како природно и ефикасно решение и се препорачуваат за луѓе кои претпочитаат пристап базиран на храна отколку додатоци.

’Ржан леб: Иако е подобар избор од белиот леб, резултатите се мешани. ’Ржаниот леб го стимулира варењето на храната кај некои луѓе, додека кај други може да предизвика надуеност и непријатност, особено кога се консумираат шест до осум парчиња дневно.


Додатоци и пијалаци кои навистина помагаат, според препораките на експертите

Меѓу додатоците во исхраната, псилиум влакна се покажаа како најефикасно решение. Дозите поголеми од 10 грама дневно значително ја зголемуваат зачестеноста на столицата, ја подобруваат конзистентноста и го намалуваат напрегањето.

Магнезиум оксидот, исто така, се покажал како исклучително ефикасен, намалувајќи ја надуеноста, подобрувајќи го варењето и придонесувајќи за подобар квалитет на живот. Препорачаната доза е од 0,5 до 1,5 грама дневно. Интересно е што водата богата со минерали исто така може да помогне. Внесувањето од 0,5 до 1,5 литри дневно ги зголемува шансите за успешна терапија, но луѓето со висок крвен притисок треба да внимаваат на високите нивоа на натриум, пишува „Eating Well“.


Што не помага при запек?

Спротивно на популарните верувања, некои вообичаени методи се неефикасни. Инулинот и полидекстрозата, видови влакна кои често се додаваат во исхраната, покажале мала или никаква корист, а понекогаш и ја влошуваат надуеноста.

Додатоците со сена, иако популарни, немале значаен ефект врз симптомите, додека симбиотиците (комбинација од пробиотици и пребиотици) не покажале мерливи придобивки. Овие резултати ја истакнуваат важноста на изборот на третмани врз основа на научни докази, а не на традиционални совети.