Џејн Гудал, најпознатиот приматолог во светот, почина вчера на 92-годишна возраст. Нејзиниот живот и работа засекогаш го променија начинот на кој светот размислува за тоа што значи да се биде човек, пишува „Саенс алерт“.
Гудал имала само 26 години кога направила револуционерно откритие во Националниот парк Гомбе во Танзанија – забележала шимпанзо како користи парче трева за да извади термити од мравјалник. Тоа беше првиот доказ дека човекот не е единственото суштество кое користи алати.
Од тој момент па натаму, истражувањата открија цели арсенали на „алати“ кај шимпанзата, гаврани, делфини, китови, па дури и инсекти. Во Габон биле забележани шимпанза кои со стапови вадат мед од кошници, а во Гвинеја – како со камења кршат ореви.
Долго се претпоставувало дека возрасните ги учат младите како да користат алати, но дури во 2016 година истражувачи во Конго првпат снимија директни докази за тоа. Откритието ја спои двете најголеми заслуги на Гудал – разбирањето на користењето алати и улогата на мајките во преносот на знаење.
Истражувањата покажаа дека културата и традициите не се единствени за луѓето. Во некои групи шимпанза, животните користат тревки како симболичен украс – речиси како моден тренд. Други пак, удираат по дрвја со камења создавајќи ритам, веројатно како форма на комуникација.
По откритијата на Гудал, многумина сметаа дека јазикот е единствената црта која ги издвојува луѓето. Но и тука шимпанзата изненадија: тие имаат богат систем на звуци и гестови, а научени се и да изговорат по некој збор.
Дури и моралот не е исклучиво човечки, велеше покојниот приматолог Франс де Вал, кој документираше дека шимпанзата можат да покажат емпатија, измама и решавање конфликти. Во 2019 година женка шимпанзо во Габон била забележана како со инсект третира рана на своето младенче – нешто што подоцна било потврдено како честа практика во нивната заедница.
„Нашето истражување ги осветлува еволутивните корени на медицината и здравствените системи кај луѓето“, изјави годинава приматологот Елодие Фрајман од Оксфорд.
Работата на Гудал ги замати границите меѓу луѓето и животните и покажа дека интелигенцијата, културата и емпатијата не се само човечки својства.
Во едно интервју во 2012 година, де Вал рекол: „Со годините, линијата на разграничување помеѓу луѓето и мајмуните, особено човеколиките, станала прилично нејасна под влијание на теренските истражувања, како што е работата на Џејн Гудол… која покажа различни способности за кои дури ни не сомневавме дека постојат кај мајмуните.“
Една од неговите последни книги носела наслов: „Дали сме доволно паметни да сфатиме колку се паметни животните?“
Гудол, се чини, била тоа. Благодарение на нејзината работа, истражувањата на интелигенцијата кај животните никогаш повеќе нема да бидат исти.