Сер Тим Бернерс-Ли, творецот на светската мрежа („World Wide Web“), уште во 1989 година ги постави темелите на интернетот каков што денес го познаваме. Сега открива уште повеќе детали.
Умот од кој потекоа пионерските идеи како „HTTP“ и „URL“ одлучи изворниот код да го направи бесплатно достапен, без никакви надоместоци или авторски хонорари.
„За вебот да биде целосен, секому мораше да му биде овозможено да го користи, и сите мораа да го посакаат тоа. Не можев да барам луѓето да плаќаат за секое пребарување или секоe прикачување што ќе го направат. За вебот да успее, мораше да биде бесплатен“, напиша тој во текст за „Guardian“.
Бернерс-Ли додава дека сакал Светската мрежа да работи за сите, а за да се постигне тоа, клучно било да биде достапна за секого. Во едно претходно интервју објасни дека, доколку технологијата ја задржел под сопствено владение, таа никогаш немало да заживее.
„Не можете да предложите нешто да биде универзален простор, а истовремено да ја задржите контролата врз него“, тврдел тој. Крајната одлука сè да биде бесплатно ја донесе „CERN“, каде што Бернерс-Ли тогаш работеше, пред да го основа „World Wide Web Consortium“ („W3C“) на „MIT“ во 1994 година.
Во својот најнов текст, Бернерс-Ли напомнува дека слободниот интернет требало да ја поттикне креативноста и соработката на глобална платформа. Но визијата, вели тој, се претворила во нешто сосема друго.
„Денес, кога ќе погледнам во својот изум, морам да се запрашам: дали вебот сè уште е слободен? Не, не целосно“, пишува тој.
Бернерс-Ли укажува на големите технолошки платформи кои сега собираат огромни количини лични податоци од корисниците, а потоа ги продаваат на посредници и влади, отворајќи врата за надзор и репресија. Исто така, ја обвинува експлозијата на алгоритми, особено на социјалните мрежи, кои, според него, му нанесуваат штета на младото население.
„Трговијата со лични податоци сигурно не одговара на мојата визија за слободен веб“, истакнува Бернерс-Ли.
Дополнително, тој тврди дека просечниот интернет-корисник повеќе не е клиент, туку станал производ, нагласувајќи дека „некаде помеѓу првата верзија на интернетот и неговото повторно раѓање во ерата на социјалните мрежи, тргнавме по погрешен пат“.