Шефот се огласи: „Не прислушуваме луѓе, само изгледа како да читаме мисли“

Точка

02/10/2025

21:44

372

Големина на фонт

а а а

Извршниот директор на „Instagram“, Адам Мосери, официјално ги демантираше тврдењата дека компанијата ги користи микрофоните на телефоните на корисниците за таргетирање реклами.

Тој изјави дека тоа би претставувало сериозно прекршување на приватноста, но и нешто што корисниците лесно би го забележале – преку постојано вклучено светло на врвот на екранот и побрзо празнење на батеријата, пренесува порталот „Tech Crunch“.

Мосери објасни дека препораките и огласите што им се прикажуваат на корисниците се засновани на информациите кои огласувачите ги споделуваат за посетителите на нивните веб-страници, како и на алгоритамско споредување на интересите на слични корисници.


Ова ѝ овозможува на „Meta“ да креира прецизни реклами без потреба од прислушување приватни разговори.

Тој нагласи дека алгоритмите денес функционираат во комбинација со човечката психологија и случајноста, што понекогаш создава впечаток дека „Instagram“ ги чита мислите на корисниците.


Американската технолошка компанија „Meta“, сопственик на „Facebook“ и „Instagram“, вчера соопшти дека ќе започне да прикажува реклами и други препораки на корисниците врз основа на нивните интеракции со дигиталниот асистент на компанијата – „Meta AI“.


Промената ќе стапи во сила на 16 декември, а корисниците постепено ќе бидат известувани за оваа новина почнувајќи од 7 октомври. Ажурирањето најпрво ќе биде достапно во Велика Британија и Европската Унија, со стандардни регулаторни проверки.

Технолошките портали нагласуваат дека „Instagram“ и нема потреба да ги прислушува корисниците преку микрофонот, бидејќи веќе располага со огромна количина податоци за нив.