Мозочниот удар е еден од водечките причини за смртност и инвалидитет ширум светот, а факторите на ризик – како висок крвен притисок и холестерол – често се „тивки“ и незабележливи. Сепак, експертите велат дека дури 80% од мозочните удари може да се спречат со промена на животниот стил.
„Сакам да размислувам проактивно – што можам да направам за да спречам мозочен удар?“, вели неврологот д-р Ентони Ким за "HuffPost". Тој и неговите колеги откриваат кои навики ги избегнуваат за да го зачуваат здравјето на крвните садови и да го намалат ризикот од мозочен удар:
1. Недостаток на движење и премногу седење
Долготрајното седење и физичката неактивност значително го зголемуваат ризикот. Неврохирургот д-р Артур Ванг нагласува:
„Редовната физичка активност ја одржува проодноста на крвните садови и го спречува наталожувањето на масни наслаги.“
Препорачува најмалку 30 минути умерена активност, 5 пати неделно.
2. Игнорирање на високиот крвен притисок
Д-р Ким вели дека високиот крвен притисок е најголемиот поединечен ризик за мозочен удар.
„Ако магично го елиминиравме, ќе имавме 60% помалку мозочни удари.“
Редовно мерење и терапија се клучни, бидејќи симптомите често не се чувствуваат.
3. Прескокнување редовни лекарски контроли
„Факторите како висок притисок или холестерол не даваат симптоми", вели д-р Ванг.
Редовни контроли помагаат да се следат крвниот притисок, холестеролот, шеќерот и телесната тежина – но и да се процени генетскиот ризик, полот и расата.
4. Пушење
Пушењето драматично го зголемува ризикот.
„Предизвикува стеснување на крвните садови, што може да доведе до затнување и прекин на дотокот на крв до мозокот“, објаснува д-р Ким.
5. Претерано консумирање алкохол
Прекумерното пиење е поврзано со срцеви заболувања и мозочни удари.
Според "CDC", повеќе од 4 пијалаци одеднаш кај жени или 5 кај мажи се смета за прекумерно.
6. Лоша и неурамнотежена исх
рана
Исхрана богата со заситени масти, шеќери и сол го зголемува ризикот, особено преку влијание на притисокот.
Препорака: повеќе зеленчук, овошје, интегрални житарки, маслиново масло, риба и јаткасти плодови.
7. Непрепознавање на симптомите навреме
Клучно е симптомите на мозочен удар да се препознаат веднаш, бидејќи третманот е најефикасен во првите часови.
Многу мозочни удари не се болни, а симптомите можат да бидат различни – затоа се користи акронимот Г.Р.О.М. (по англ. F.A.S.T.):
- Говор – потешкотии во говорот, нејасно изговарање зборови или изговор на бесмислици.
- Рака – слабост, трнење или неможност за подигање на една рака.
- Опуштеност на лицето – една страна од лицето паѓа или е неподвижна.
- Минутите се важни – веднаш јавете се на итна помош!
„Ако се појави кој било од овие знаци – веројатноста за мозочен удар е голема", заклучува д-р Ким.