Два нови соја на вирус откриени благодарение на мачка: Научниците предупредуваат за неистражени вируси и можни последици по јавното здравје

Точка

18/07/2025

18:00

302

Големина на фонт

а а а

Една домашна мачка на Флорида, по име Пепер, можеби испиша нова страница во науката и тоа со тоа што помогна во откривање на не еден, туку два нови соја на вируси. Како вистински „ловец“, Пепер често му носела мртви животни на својот сопственик како дар од наклонетост.

 Но, за разлика од повеќето сопственици, нејзиниот човек, вирусологот д-р Џон Ледники од Универзитетот на Флорида, одлучил да ги искористи овие морбидни подароци за истражување.

„Ова беше опортунистичка студија. Ако најдеш мртво животно, зошто да не го тестираш наместо да го закопаш? Може да се добијат многу информации. А мачката како собирач до сега се покажа како плодна“, изјави д-р Ледники.

При тестирањето на краткоопашеста ровчица, која Пепер ја донела еден ден, тимот на Ледники открил досега неидентификуван ортореовирус. Иако малку се знае за овие вируси, понекогаш се поврзувани со стомачен вирус и менингитис кај деца.


„Вирусите од групата ортореовируси кај цицачи првично беа сметани за ‘сираци’ – присутни кај животни и луѓе, но без врска со болести. Но во последно време се поврзуваат со респираторни, невролошки и гастроинтестинални нарушувања. Сè уште не знаеме доволно за новооткриениот вирус за да бидеме загрижени“, објаснува вирусологот д-р Емили деРујтер.

Тимот предводен од д-р Ледники и д-р Дерујтер го објавил секвенционираниот геном на новооткриениот вирус во списанието „Microbiology Resource Announcements“, за да започне подлабоко разбирање на овие вируси.

Интересно е што минатата година мачката Пепер повторно помогнала во научно откритие – ѝ донела на својот сопственик глушец кој бил носител на jeilongvirus, вирус кој дотогаш никогаш не бил идентификуван во САД. Таа варијанта, наречена Gainesville rodent jeilongvirus 1, покажала способност да инфицира клетки на примати и други цицачи, што научниците го оцениле како загрижувачко.


„Ова укажува дека вирусот има генералистичка природа со потенцијал за пренос меѓу видови. Раното откривање на ендемски вируси кои циркулираат меѓу локалните животински популации во северо-централна Флорида може значајно да ја зајакне нашата способност за надзор и реакција на потенцијални епидемии“, стои во нивниот труд од 2024 година.

Овие откритија не само што го прошируваат капацитетот на науката да идентификува нови вируси, туку и ја истакнуваат потенцијалната закана од слободно движечките мачки. Една мачка што слободно шета може да убие десетици мали животни годишно, со што се создаваат повеќе можности за пренос на болести меѓу различни видови.

Во последно време се разгледува и можноста мачките да бидат преносители на птичји грип кај луѓето, што дополнително ја зголемува загриженоста кај експертите за јавно здравје.