На денешен ден, 2 јули, 1925 година, е роден Патрис Лумумба, првиот легитимно избран премиер на Демократска Република Конго, а бил убиен на 17 јануари 1961 година, помалку од седум месеци откако Конго стекна независност на 30 јуни 1960 година.
Според „Гардијан“, во неговото убиство биле вмешани високи американски и белгиски функционери.
Тој бил убиен со помош на конгоански соработници и белгискиот одред на смртта. Белгискиот историчар Лудо Де Вите го нарече ова злосторството „најважниот атентат на 20 век“ поради неговото далекусежно историско и политичко значење.
Кој бил Патрис Лумумба?
Лумумба бил харизматичен лидер кој се залагал за вистинска независност на Конго, национално единство и целосна контрола врз природните ресурси на земјата. Неговата визија била богатството на Конго да се користи за народна благосостојбата, а не за интересите на западните сили. Меѓутоа, во контекст на Студената војна, западните сили, особено САД и Белгија, го сметаа за закана за нивните стратешки интереси.
Конго, богато со клучни суровини како што е ураниумот, кој се користел во изградбата на првите атомски бомби, имаше големо значење за западниот блок. Стравот дека ресурсите на Конго може да паднат под влијание на Советскиот Сојуз и неговите сојузници ги поттикна западните сили да ги искористат сите средства што им биле на располагање за да го неутрализираат Лумумба.
Белгиски одред на смртта го заробил на неговото патување и го мачел во разни затвори во нехумани услови. Потоа го убиле и телото му го раствориле во киселина, а Лумумба не бил на власт ниту три месеци.
Актуелен и 60 години по атентатот
Политичката ситуација во Конго била исклучително нестабилна. Земјата била поделена на четири одделни власти: централната влада во Киншаса (тогаш Леополдвил), соперничката влада на следбениците на Лумумба во Кисангани (тогаш Стенливил) и сецесионистичките режими во богатите провинции Катанга и Јужен Касаи.
Елиминацијата на Лумумба им овозможи на западните сили да го поддржат прозападниот режим во Киншаса и да ја консолидираат власта над целото Конго. До 1963 година, сецесиите на Јужен Касаи и Катанга биле завршени, но проблемите на земјата останаа.
Денес атентатот на Лумумба е важна тема во јавниот дискурс во ДР Конго. Се смета за „првобитен грев“ на земјата бидејќи го спречи остварувањето на идеалите за национално единство, економска независност и пан-африканска солидарност за кои се залагал Лумумба.
Неговата смрт предизвика бран незадоволство и масовно движење за таканаречената втора независност, предводено од неговите поранешни соработници. Иако движењето привлече работници, студенти, невработени и селани, раководството на Советот за национално ослободување (CNL), во кој биле вклучени Лоран-Дезире Кабила и Кристоф Гбенје, повеќе се грижеле за сопствениот интерес отколку за благосостојбата на народот.
Извинувањето дојде дури во 2002 година
Иако за вмешаност на Белгија и Америка се шпекулирало уште од 1960-тите, белгиската влада не упати извинување до ДР Конго сè до 2002 година, три години откако полицаецот Жерар Соет ја призна својата вмешаност во смртта на Лумумба.
Тој, исто така, откри дека телото на Лумумба било растворено во киселина за да не може да се пронајде. Според изјавите на американските и белгиските соработници од 1960 година, Лумумба „побегнал од затвор“.
Најважното наследство на Лумумба е идеалот за национално единство. Тој стана најважниот домашен херој, а во Централна Африка сè уште се дискутира за него дури и 60 години по неговата смрт. Инаку Југославија уште за време на Студената војна ги осуди Белгија и Западот, а критиките беа овековечени на улицата „Патрис Лумумба“, која сè уште постои во источниот дел на Белград.