Американскиот суд го прогласи Шон „Диди“ Комбс за виновен за организирање транспорт во цел на проституција. Според извештајот на "CNN", му се заканува казна затвор до 10 години.
Виновен само по две точки
Шон Диди Комбс е прогласен за виновен по две обвиненија поврзани со превоз на лица во цел на проституција, додека по останатите три точки е ослободен од вина. Судскиот процес кој привлече огромно медиумско внимание заврши денес, а поротата едногласно ја донесе пресудата.
Комбс е ослободен од обвиненијата за рекет и трговија со луѓе – вклучувајќи ги пејачката и поранешна девојка Кеси Вентура, како и жената позната под псевдонимот „Џејн“. Сепак, е прогласен за виновен за организирање транспорт за проституција и во случајот со Вентура и со Џејн и други жени.
Пресудата по точките од обвинението гласи:
• Рекет: невин
• Трговија со луѓе – Кеси Вентура: невин
• Трговија со луѓе – „Џејн“: невин
• Превоз за проституција – Вентура и други лица: виновен
• Превоз за проституција – Џејн и други лица: виновен
Пресудата беше објавена нешто по 16 часот по локално време, откако поротата потврди дека едногласно донела одлука за сите пет точки од обвинението.
Се помоли пред изрекувањето на пресудата
Пред да биде прочитана пресудата, Диди се обрати на своето семејство кое присуствуваше во судницата.
„Останете силни", им порача, а неговите деца одговорија со кимнување. Потоа се помоли: „Боже, те молам чувај го моето семејство.“ На што семејството возврати: „Амин.“
Иако е ослободен од најтешките обвиненија поврзани со сексуална експлоатација и организиран криминал, Диди и натаму се соочува со сериозни последици поради обвиненијата за подведување. Судскиот процес против еден од најпознатите музички продуценти на последниве децении продолжува, а се очекуваат и понатамошни правни постапки.
Уапсен во септември минатата година
Да потсетиме, Диди беше уапсен на 16 септември 2024 година во Њујорк. Пред апсењето, федералната полиција изврши рации во негови имоти во Лос Анџелес, Њујорк и Мајами.
На изрекувањето на обвиненијата на 17 септември 2024 година, Комбс се изјасни за невин. Судот одби да го пушти на слобода со кауција, а тоа барање беше повторно одбиено два месеци подоцна поради опасност од влијание врз сведоци и можност за бегство.