Папаколеа е единствената плажа со зелен песок во Соединетите Американски Држави и една од ретките во светот.
Се наоѓа во близина на Ка Леа и во подножјето на најголемиот активен вулкан во светот – Мауна Лоа на Големиот Остров на Хаваите.
Гледањето на крупниот зелен песок во живо окружен со прекрасни карпи и прекрасниот Тихи Океан претставува посебно искуство. Не е ни чудо што многумина избираат да ја искусат Папаколеа во живо.
Зелената боја на песокот е резултат на уникатни хемиски и геолошки процеси. Ерупциите на Мауна Лоа низ милениумите исфрлиле на површината голема количина минерали, вклучувајќи изобилство од темнозелениот минерал оливин, кој ѝ ја дава на плажата нејзината препознатлива нијанса.
Плажата Папаколеа е именувана по птицата што живее таму – златно блатарче (Pluvialis fulva), која мештаните ја нарекуваат колеа. Папа значи простор или рамнина, па Папаколеа во превод би значела областа каде што живеат овие птици.
Плажата се наоѓа околу пет километри источно од Ка Леа на Големиот Остров. Окружена е со пасишта и до неа може да се стаса само пеш.
Патеките што водат до неа се нерамни, поради ерозијата на почвата, но и поради нелегалниот сообраќај на теренски возила. Инаку од 2016 година, хавајските власти се обидуваат да го ограничат моторизираниот сообраќај таму, но нивните напори не вродија со плод.