Како да постапувате со тврдоглави деца? Осум корисни совети за родителите

Точка

28/05/2025

14:28

933

Големина на фонт

а а а

Тврдоглавоста кај децата често се толкува како пркос или непослушност, но зад неа често стои дете со силна волја кое сака да се изрази и да биде сослушано.

Експертите за родителство за „Тајмс оф Индија“ споделија осум совети за родителите во врска со тоа како да се справат и да постапуваат со своите тврдоглави деца.

Тврдоглавоста не е маана, туку сила

Секое дете има свој темперамент, а тврдоглавоста може да биде знак на решителност и упорност. Наместо да се обидуваат да ја „поправат“, подобро е родителите да ја препознаат тврдоглавоста како потенцијал, сметаат експертите. Позитивниот пристап кон оваа особина може да му помогне на детето да развие самодоверба и чувство на независност. Наместо контрола, целта треба да биде насочување.


Објаснувањата се поефикасни од наредбите

Децата со силна волја ретко ги почитуваат наредбите само затоа што вие така кажувате. Тие треба да ги разберат причините зад правилата и барањата. Логичното објаснување наместо барање за слепо следење на упатствата може да доведе до подобра соработка и помал отпор од детето.

Рутините можат да помогнат во градењето чувство на сигурност

Децата кои се склони кон тврдоглавост можат бурно да реагираат на ненадејни промени бидејќи го губат чувството за контрола. Затоа е важно да се воспостави предвидлива дневна рутина што носи мир, безбедност и ја намалува потребата за натпреварување.


Избегнувајте борби за моќ

Обидот да се натпреварувате со тврдоглаво дете честопати завршува со уште поголем отпор. Наместо да им давате наредби, понудете им избор, како на пример: „Дали сакаш да носиш сини или зелени чорапи?“ или „Дали сакаш да ги миеш рацете пред или по читањето на приказната?“ Давањето избор им помага да се чувствуваат почитувани и ценети, што ја зголемува соработката.

Слушањето без прекинување носи смиреност

Зад тврдоглавоста често стои тивка порака: „Слушај ме“. Наместо веднаш да реагирате или да коригирате, слушајте што вашето дете има да каже. Активното слушање може да ги смири дури и најтешките емоции, бидејќи детето чувствува дека некој навистина го слуша и разбира.


Препознавањето на емоциите гради доверба

Кога емоциите на детето се силни, покажувањето емпатија може да направи чуда. Речениците како „Можам да видам дека ова е навистина фрустрирачко за тебе“ или „Изгледа дека тоа навистина те налутило“, му помагаат на детето да се чувствува безбедно и прифатено. Кога детето се чувствува разбрано, поголема е веројатноста дека полесно и почесто ќе соработува.

Игра наместо конфликт

Имагинативните пристапи честопати функционираат подобро од строгите забрани, истакнуваа експертите за Тајмс оф Индија. Претворете ги рутинските задачи во игри: „Суперхероите си ги мијат забите!“, или „Кој прв ќе ги собере играчките?“. Играта и смеата честопати ги надминуваат притисокот и отпорот.


Пофалете го трудот, а не само резултатот

Тврдоглавите деца сакаат кога нивниот труд е забележан, а не само резултатот. Наместо „Браво, тоа е одличен цртеж“, обидете се со „Навистина се потруди да го завршиш цртежот!“ Пофалувањето на трудот ги охрабрува децата да се обидат повторно, дури иако не успеале првиот пат.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk