Во свет во кој модата се менува со брзина на светлина, а трендовите се менуваат речиси секој ден, советите на легендарната Коко Шанел и понатаму остануваат како траен ориентир за жените со вкус.
Нејзината филозофија е јасна: стилот не е нешто што се купува – тој се гради. А вистинската елеганција не лежи во квантитетот, туку во квалитетот.
Шанел ја промени модната сцена засекогаш. Наместо раскош и помпа, таа внесе едноставност, практичност и софистицираност. Според неа, жената со стил не се раководи по модата, туку создава свој моден идентитет. Затоа, таа советуваше дека постојат три нешта во кои секоја жена со вкус треба без двоумење да инвестира повеќе – затоа што тие се темелот на еден софистициран изглед.
Капутот е првото што луѓето го забележуваат кога ќе ве видат. Тој зборува за вашиот стил пред да проговорите. За Шанел, добриот капут беше како модна визит-карта – мора да биде беспрекорно скроен, направен од квалитетен материјал и со дизајн кој одолева на времето. Безвременски парчиња во неутрални тонови како камела, црна или сива се незаменливи – тие не само што зрачат со стил, туку внесуваат самодоверба во секој чекор.
„Модата поминува, стилот останува.“ – Коко Шанел
Ништо не влијае толку на начинот на кој жената се носи, како добар пар чевли. Чевлите не се само моден додаток – тие се основа на стабилноста, комфорот и впечатокот. Шанел верувала дека лошите чевли можат да го уништат целиот изглед, без оглед на скапиот фустан што го носите. Затоа, без разлика дали се работи за класични салонки, кожни чизми или софистицирани балетанки, тие мора да бидат удобни, елегантни и долготрајни.
„Жената во добри чевли никогаш не е лошо облечена.“
Малиот црн фустан, или „little black dress“, е еден од најзначајните модни симболи што Шанел го остави зад себе. Тоа не е само облека – тоа е решение за секоја прилика. Скроен со вкус, од квалитетен материјал и со минималистички дизајн, овој фустан е доволно дискретен за дневен изглед, но доволно елегантен за вечерно излегување. Со неколку промени во додатоците, се трансформира во нова комбинација секој пат – и никогаш не излегува од мода.
За крај, Коко Шанел не' потсетува на суштината: вистинската елеганција не значи да имате многу, туку да знаете што е вредно. Дамите со вкус знаат дека нештата на кои не се штеди се токму оние кои го градат стилот – еден добар капут, совршен пар чевли и црн фустан што ќе ве следи низ животот.