Ако се плашите дека би можеле да заболите од рак затоа што некои членови од вашето семејство веќе се соочиле со оваа сериозна болест, еве три важни чекори што можете да ги преземете.
Луѓето со семејна историја на рак имаат зголемен ризик од појава на болеста. Сепак, самото постоење на предиспозиции не значи дека болеста ќе се развие со сигурност.
„Неколку членови од моето семејство имале рак, па се плашам дека и јас ќе добијам. Како да го намалам ризикот?“ – праша загрижен читател на „Њујорк тајмс“.
Иако семејната историја навистина го зголемува ризикот, болеста може да се избегне.
Една неодамнешна студија, базирана на податоци од 2019 година за случаи на рак кај возрасни лица над 30 години во САД, покажала дека околу 40 проценти од случаите биле предизвикани од фактори поврзани со начин на живот што може да се промени.
„Тоа всушност е добра вест“, вели д-р Фархад Ислами, главен автор на студијата и директор за истражување во Американското здружение за рак. „Тоа значи дека можете значително да го намалите ризикот ако се грижите за вашето здравје.“
1. Соберете информации за семејната историја
Луѓето со семејна историја на рак имаат поголема веројатност да носат наследни генетски промени кои го зголемуваат ризикот од развој на болеста.
Ова е особено важно ако се засегнати блиски роднини од прв или втор степен, вели д-р Ејми Командер, медицински директор на Центарот за рак при Масачусетската општа болница во Волтам. Соберете информации за вашите родители, браќа и сестри, баби и дедовци, чичковци, тетки и други блиски роднини.
Важно е и да знаете на која возраст им била дијагностицирана болеста. Колку се помлади — особено под 50 години — толку е поголема веројатноста дека станува збор за генетска предиспозиција.
Дознајте за каков вид на рак се работи. Најчести генетски поврзани форми се ракот на дојка, јајници и дебелото црево. Ако повеќе членови на семејството имале еден од овие видови, тоа може да укаже на наследен фактор.
Обратете внимание и на потенцијалните причини. Едно е ако ваш вујко заболел од рак на белите дробови по години пушење, а сосема друго е ако повеќе членови од семејството, кои не пушеле, заболеле на млада возраст.
2. Размислете за генетско тестирање
Генетичар може да утврди дали имате мутации кои го зголемуваат ризикот од одредени видови рак, објаснува д-р Сајед Ахмад од Центарот за рак при Универзитетот во Синсинати.
„Пациентите често се плашат од генетско тестирање поради несигурноста“, вели д-р Ахмад, но нагласува дека присуството на мутација не значи дека рак неизбежно ќе се појави.
Ако повеќе роднини имале рак на дојка, можете да направите тестирање за мутации во BRCA1 и BRCA2 гените. Повеќе од 60 проценти од жените со одредени мутации во овие гени ќе развијат рак. Ако постои семејна историја на рак на дебелото црево, може да се испита постоење на Линч синдром — наследна состојба што го зголемува ризикот до 80% кај мажите и 60% кај жените.
Постојат и генетски панели што проверуваат повеќе мутации одеднаш.
Доколку се потврди зголемен генетски ризик, ќе бидете упатени кај специјалист кој ќе препорача почести и порано скрининзи, вели д-р Командер.
„Ако ракот се открие рано, во повеќето случаи може успешно да се излечи“, додава д-р Џуди Гарбер, шеф на одделот за генетика и превенција на рак при Институтот Дана-Фарбер во Бостон.
Вашиот лекар може да препорача и превентивни мерки. На пример, жена со висок ризик од рак на дојка може да размисли за превентивна мастектомија.
3. Променете го животниот стил
Според д-р Гарбер, генетските фактори се одговорни за најмногу 10 проценти од сите случаи на рак. Истражувањата дури укажуваат дека болеста често е резултат на случајни грешки при репликација на ДНК во клетките, поради што „луѓето не треба да се чувствуваат виновни што се разболеле“, вели д-р Командер.
Сепак, постојат неколку навики што можат значително да го намалат ризикот:
• Престанете со пушење. Долгогодишните истражувања покажуваат дека пушењето го зголемува ризикот од рак кај речиси сите органи, особено кај белите дробови. Но, никогаш не е доцна да се прекине. Студија од 2021 година покажала дека откажувањето од пушење на било која возраст го намалува ризикот.
• Одржувајте здрава телесна тежина. Прекумерната тежина или дебелината се поврзани со зголемен ризик од најмалку 13 видови рак.
• Јадете здраво и бидете активни. Исхраната богата со овошје, зеленчук, цели зрна и мешунки, со умерен внес на црвено и преработено месо, придонесува за намален ризик. Физичката активност исто така помага — дури и без слабеење, вели проф. Алисон Клајн од Медицинскиот факултет Џон Хопкинс.
• Ограничете го внесот на алкохол. Дури и мали количини на алкохол може да го зголемат ризикот од повеќе видови рак. Ниту една количина не се смета за целосно безбедна.