Добивката на "Volskwagen" во првиот квартал од годината беше пониска од очекуваното – падна за 40 отсто, откако најголемиот европски производител на автомобили во својата проценка ги вклучи трошоците за казни кои ќе ги плати доколку не ги исполни климатските цели на ЕУ, како и трошоците поврзани со американските царини.
И покрај тоа, акциите на "Volskwagen" пораснаа за 8,2 отсто, откако пазарите се стабилизираа по најавата на американската влада за 90-дневно суспендирање на новите увозни царини – воведени само 24 часа претходно за десетици земји. Сепак, 25-процентната царина на увоз на автомобили сè уште е на сила, а "Volskwagen" е особено изложен на таа мерка.
Европскиот автомобилски индекс утринава порасна за 4,19 проценти, додека поширокиот европски индекс скокна за 7,9 проценти.
По силен притисок од автомобилската индустрија, Европската комисија предложи олеснување на правилата за емисии на јаглерод, кои мнозинството производители годинава веројатно ќе ги прекршат – што би значело казни од милијарди евра. Предлогот на Комисијата би ѝ дал повеќе време на "Volskwagen" и остатокот од индустријата за зголемување на продажбата на електрични возила со ниска емисија, но сè уште треба да биде одобрен од Европскиот парламент.
Како последица на оваа неизвесност, "Volskwagen" во финансиската проценка за првиот квартал веќе пресмета 600 милиони евра за потенцијални казни, а дополнителни 200 милиони евра беа издвоени за реструктуирање на нивната софтверска подружница "Cariad", каде во моментот се кратат работни места.
Оперативната добивка од продажба падна на околу 3,6 проценти, додека лани изнесуваше 6 проценти. Компанијата не објави детали за конкретните трошоци поврзани со американските царини.
На резултатите дополнително негативно влијаеја и царините од 25 проценти на увозот на автомобили во САД, кои стапија на сила на 3 април.
Фолксваген најмногу продава автомобили произведени во Мексико на американскиот пазар, додека "Audi" и "Porsche" немаат сопствени производствени погони во САД.