"Tesla" го претстави „новиот“ "Cybertruck" – замислен како основен модел

Точка

14/04/2025

18:51

1.336

Големина на фонт

а а а

Додека индустријата на електрични возила се соочува со пад на продажбата и нови царински ограничувања, "Tesla" го најави најновиот модел на "Cybertruck". Станува збор за "Long Range" верзија со еден мотор, која сега станува основна опција во понудата.

Но, иако е промовиран како „основен модел“, цената не го потврдува тоа – со вклучени трошоци за испорака, цената изнесува 71.985 американски долари (околу 67.000 евра).

Најголем дострел во понудата

За таа сума, купувачите добиваат "Cybertruck" со најголем досег досега – проценети 563 километри со едно полнење, што е околу 40 километри повеќе од "AWD" верзијата (со погон на сите тркала), која чини 10.000 долари повеќе.

Единствениот мотор ја движи задната оска, а иако "Tesla" не открива точна моќност, наведува дека возилото забрзува до 96 km/h за 6.2 секунди. Во стандардната опрема е вклучена и блокада на задниот диференцијал за поголема влечна сила.


Што се добива – а што не?

Внатрешноста вклучува загреани седишта обложени со текстил, но без вентилација. Аудио-системот е со седум звучници (наспроти 15 во поскапите модели). Тркалата се 18-инчни, а електричниот покрив за багажниот простор не е вклучен.

Отстранети се и повеќето 120-волтни приклучоци, но "Tesla" нуди адаптер кој овозможува две приклучници преку порта за полнење.

Наместо приспособлива воздушшна суспензија основниот "Cybertruck" користи адаптивни пружини – што значи дека висината на возилото не може да се менува. Во пакетот е вклучена стандардна кука за влечење, но максималната влечна моќ сега изнесува 3.400 килограми – доволно за влечење приколки или чамци. Носивоста е 910 килограми, додека "AWD" верзијата може да понесе 1.134 килограми.

Според достапните информации, моделот и понатаму има "steer-by-wire" управување, со можност за свртување на предните и задните тркала.


Надградби и конкуренција

Купувачите можат да доплатат за 20-инчни фелни, иако тоа го намалува досегот. "Tesla" наведува дека мек покрив за товарниот простор може да го зголеми досегот на 582 километри ако се користи со помали тркала.

Опцијата "Full Self Driving" е достапна за 8.000 долари, а додатоци како што се заштитен покрив од сонце, фиока под седиштето или патосници се нудат по цена под 300 долари секој.

Споредба со конкуренцијата

Цената на "Ford F-150 Lightning" започнува од 65.190 долари, со два мотора.

Електричниот "Chevrolet Silverado" во основната верзија "2WT" со еден мотор чини 57.095 долари.

"Rivian R1T" стартува од 71.900 долари, исто така со два мотора и моќност од 533 коњски сили.

Според официјалната веб-страница на "Tesla", основниот "Cybertruck" ќе биде достапен помеѓу јуни и јули годинава.