Идеја на "Opel" што никогаш не заживеа: Ова е „Smart пред Smart-от“

Точка

11/04/2025

12:52

2.575

Големина на фонт

а а а

"Opel" ја започна својата автомобилска приказна уште во 1899 година, а веќе до 1914 стана најголемиот германски производител. Во текот на својата долга историја, брендот често претставувал концепти кои далеку пред своето време ја навестуваа иднината – иако подоцна тие идеи заживеале, но во режија на други производители.

Еден од таквите иновативни концепти е моделот "Maxx", урбан микроавтомобил осмислен пред речиси три децении, со амбиција да се појави на пазарот цели три години пред легендарниот "Smart".

"Opel" го претстави "Maxx" како концепт на Салонот на автомобили во Женева во 1995 година. Визијата беше да се понуди максимален простор во внатрешноста, спакуван во што покомпактни димензии – тема која тогаш беше мошне актуелна во автомобилскиот свет.


"Maxx" се појави кратко време по првите скици на "Smart Fortwo", и беше долг само 2.970 mm, додека ширината и висината беа идентични: 1.580 mm.

И покрај овие минијатурни димензии, "Opel Maxx" нудеше изненадувачки пространа кабина – за разлика од "Smart", "Maxx" беше дизајниран да прими четири возрасни лица, а задната клупа можеше да се преклопи за создавање багажник со капацитет до 500 литри, со можност за превоз на предмети до 2 метри должина.


Покрај основниот модел, "Opel" размислувал и за пикап варијанта, па дури и практично мини комби со пет врати.

По премиерата во Женева, "Opel" активно продолжил со развојот и го претставил и функционалниот прототип на саемот во Франкфурт. Компанијата се фокусирала на лесна конструкција – тежината на возилото без товар изнесувала околу 650 килограми, благодарение на магнезиумските тркала и отстранливи карбонски панели на каросеријата.


Под хаубата се наоѓал еднолитарски троцилиндричен мотор, прв од ваков вид развиен од европски производител. Со 50 коњски сили и 90 Nm вртежен момент, овој мотор бил и лесен и економичен, а подготвен за сериско производство. Безбедносни карактеристики како воздушно перниче за возачот и "ABS" системот биле вистински напредни за 1995 година, особено во оваа класа возила.

Сепак, додека "Smart" под покровителство на "Mercedes-Benz" ја реализираше својата идеја во сериско производство веќе во 1998 година, "Opel Maxx" остана само визионерски концепт, иако очигледно бил мошне блиску до производната лента.

Иронично, Opel дури многу години подоцна – благодарение на групацијата "Stellantis" – конечно доби свој сериски микроавтомобил. Се разбира, станува збор за моделот "Rocks".