Во свет исполнет со брз темпо, секојдневна тензија и постојана анксиозност, стресот станува секојдневие – често води до зголемен крвен притисок и шеќер. Иако стресот отсекогаш постоел, денес изгледа како никогаш да не го напушта умот и телото.
Но, постои една стара и помалку заборавена вештина која нашите баби ја користеле за смирување: плетењето и хеклањето, пишува „Е-клиника“.
Овие ракотворби денес се враќаат како алатки за ментално здравје, а некои велат – може да бидат поефикасни од лек за смирување.
Едноставен почеток, без комплицирани техники
Сè повеќе здравствени работници препорачуваат рачна работа како начин за справување со анксиозност и одржување на менталната стабилност. За почеток, доволни се игли за плетење и малку волна – и вашата терапија може да започне.
Не мора да бидете мајстор. Дури и ако нешто исплетете погрешно, лесно може да се поправи. Основната техника „права и обратно“ се учи брзо. Наместо сложени обрасци, започнете со плетење едноставен шал – без притисок, без перфекција.
Телото влегува во состојба на смиреност
Истражувањата покажуваат дека рачната работа ги активира деловите од мозокот одговорни за релаксација. Ритмичните, повторувачки движења на иглите го стимулираат парасимпатичкиот нервен систем – системот што го смирува телото и го намалува нивото на хормонот на стрес, кортизолот.
Оваа активност не само што го подобрува расположението, туку и може да помогне во регулирање на крвниот притисок, нивото на шеќер во крвта и да го зајакне имунитетот.
Простор само за себе
Издвојте мало катче за себе – со удобно столче, добро светло и сè што ви е потребно на дофат. Иглите држете ги лесно, без стегање, и нека движењата бидат опуштени. Длабокото дишење и смиреното темпо се клучни за оваа „активна медитација“.
Прифатете ги грешките – тие се дел од процесот
Доволно е да издвоите неколку минути дневно – исплетете неколку реда, уживајте во процесот. Ако се почувствувате уморно, направете пауза, опуштете ги прстите, испијте чај или кафе. Не се брза никаде.
Грешките во плетењето нека ви бидат мотивација, а не причина за фрустрација. Слушајте музика, некој подкаст или едноставно уживајте во тишината.
Плетете во друштво
Ако не ви се плете сами, приклучете се на група – размената на искуства и идеи го збогатува целиот процес. Битен е патот, не само готовиот производ. Радоста од создавањето е она што има вистинска вредност.
Плетењето не само што помага при стрес, туку и го подобрува паметењето и когнитивните функции. Помага при хронична болка, а кај пушачи – бидејќи рацете се зафатени – се намалува желбата за цигара.