Ѓоковиќ со Меси: „Прекрасен момент за мене, голема чест“

Точка

29/03/2025

11:41

1.933

Големина на фонт

а а а

Новак Ѓоковиќ и Лионел Меси по полуфиналниот меч на Мастерсот во Мајами разменија дресови.

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ синоќа го совлада Григор Димитров со 2:0 (6:2, 6:3) и се пласираше во финалето на Мастерсот во Мајами, каде што ќе има можност да ја освои својата 100-та титула во кариерата.

По мечот, Ѓоковиќ се дружеше со аргентинскиот фудбалер Лионел Меси, кој од трибините го следеше полуфиналниот дуел.

Во соблекувалната, Ѓоковиќ и Меси разменија дресови – Новак доби дрес со број 10 од Интер Мајами, додека Меси доби маичка од Ѓоковиќ со посвета.

„Чест ми беше да запознаам спортска легенда како Лионел Меси, како и неговото семејство. Благодарам, Лео, се гледаме наскоро“, напиша Ѓоковиќ на платформата X.

Ѓоковиќ зборува за средбата со Меси

„Го гледав Меси неколку пати во живо. Мислам дека еднаш беше на Светското првенство, кога ја освои титулата со Аргентина. Минатата година го гледав и на еден меч помеѓу Лос Анџелес и Интер Мајами.

Прекрасно е што ја запознав и неговата фамилија. Дојде во соблекувалната по мечот, разговаравме некое време и си разменивме подароци. Голема чест е тоа за мене – тој не е само врвен фудбалер, туку и голем спортист. Неговиот влијание врз спортот во последните 20 години е неверојатно.

Тоа што беше на трибините и ме гледаше навистина ме израдува, но морам да признаам дека имав и малку притисок поради тоа“, изјави Ѓоковиќ.

Импресиониран од синовите на Меси

Посебен впечаток на Ѓоковиќ му оставија синовите на Меси.

„Еден од неговите синови ја оцени мојата игра со осумка, што е прилично добро. Со сериозен израз на лицето ми рече дека на следниот меч морам да играм за десетка, така што сега имам сериозен притисок од синот на Меси.

Малку се пошегувавме. Тоа беше емотивен момент за мене. Едно е кога некој доаѓа сам, но друго е кога е со семејството. Како татко, знам што значи тоа – сосема поинаков е моментот кога е присутна фамилијата.

Навистина ме трогна тоа што сакаше да поминеме време заедно и многу го ценам тоа. Ова беше прекрасен момент за мене, но и за целиот турнир и тенисот воопшто“, додаде Ѓоковиќ.

Во финалето на Мастерсот во Мајами, Ѓоковиќ ќе игра против Јакуб Меншик, кој во полуфиналето го елиминира Тејлор Фриц.

Финалето ќе се игра во недела од 20:00 часот.