Фокача со рузмарин: Мека како душа, мирисна и вкусна, ќе се воодушевите кога ќе ја пробате!

Точка

18/03/2025

10:40

3.890

Големина на фонт

а а а

Фокачата е еден од оние едноставни, но неверојатно вкусни лебови што ја освојуваат секоја трпеза.

Потекнува од Италија, каде што се смета за предок на модерната пица, а со векови останала омилен специјалитет. Нејзината нежна, воздушеста текстура, крцкавата кора и мирисот на свежи зачини ја прават совршен додаток за секој оброк.

Она што ја прави фокачата посебна е нејзината разновидност – може да се јаде сама, како предјадење или во комбинација со различни јадења. Особено добро оди со маслиново масло, сирења, пршута или дури и како основа за сендвичи. Во оваа верзија, рузмаринот ѝ дава специфичен медитерански шмек, збогатувајќи ја со арома што веднаш ве носи во сончевите предели на Италија.


Тајната на совршената фокача

Текстурата на фокачата треба да биде мека и сунѓереста одвнатре, а одозгора да има крцкава кора. Ова се постигнува со вистинскиот баланс на состојки и техниката на месење и печење. Квасецот ѝ дава воздушеста структура, додека маслиновото масло ѝ обезбедува нежност и богат вкус.


Една од најважните работи при подготовката на фокача е времето за одморање на тестото. Ова му овозможува да нарасне и да добие лесна, воздушеста структура. Исто така, пред печење, површината на тестото треба да се набоцка со прсти, создавајќи карактеристични вдлабнатини што ја прават фокачата препознатлива.

Ако сакате да додадете уште повеќе вкус, можете пред печење да наредите преполовени маслинки или да додадете сушени домати, лук или пармезан.

Потребни состојки:

• 2-3 гранчиња свеж рузмарин

• 300 г брашно

• 15 г свеж квасец (половина коцка)

• 2 лажички сол


• 1 лажичка шеќер

• 2 dl млака вода

• 1 dl маслиново масло

• малку крупна морска сол

Подготовка:

1. Активирање на квасецот – Во мало садче, измешајте го квасецот со шеќерот и малку млака вода. Оставете го 5-10 минути додека не се активира и не почне да прави меурчиња.


2. Месење на тестото – Во поголем сад, измешајте го брашното со солта, додадете го активираниот квасец и остатокот од млаката вода. Додајте половина од маслиновото масло и замесете меко и мазно тесто.

3. Одмор – Покријте го тестото со чиста кујнска крпа и оставете го на топло место околу еден час, додека не се удвои во големина.

4. Обликување и декорирање – Кога тестото ќе нарасне, размесете го лесно и развлечете го на намастен плех. Со прстите направете вдлабнатини низ површината и прелејте го со преостанатото маслиново масло. Наросете го со крупна морска сол и наредете свежи гранчиња рузмарин.

5. Печење – Загрејте ја рерната на 200°C и печете ја фокачата околу 20-25 минути, додека не добие златно-кафеава боја.

6. Служење – Оставете ја малку да се излади, па пресечете ја на парчиња. Најдобро се јаде топла, во комбинација со маслиново масло или намази по ваш вкус.


Совети за совршена фокача

• За подлабок вкус, можете да го оставите тестото да одмори подолго, дури и неколку часа.

• Ако сакате екстра крцкава кора, пред печење можете лесно да ја попрскате со малку вода.

• Експериментирајте со додатоци – фокачата одлично се комбинира со пармезан, сушени домати, карамелизиран кромид или дури и мед.

Фокачата со рузмарин не само што е едноставна за подготовка, туку ќе ви донесе вистинско гурманско уживање. Мека, мирисна и вкусна – ова е леб што ќе сакате да го подготвувате одново и одново!



Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk