Манчестер Сити никако не успеава да фати ритам во Премиер лигата каде игра „топло-ладно“, па така вчера загуби важна битка со Нотингем Форест на „Сити Граунд“.
„Граѓаните“ од 25 јануари играат по „системот“ победа-пораз во шампионатот што секако е многу проблематично особено кога се брка пласман во Лигата на шампионите.
Тренерот Пеп Гвардиола се мачи да најде соодветни одговори за тимските настапи, ама се надева дека играчите веќе од наредниот меч ќе покажат што знаат и умеат.
-Мора да најдеме начин да играме подобро. Мора да почнеме да победуваме во натпреварите. Не победуваме доволно натпревари во низа. Тоа е она што е. Ама мора да направиме нешто бидејќи тоа нема да дојде од небо, -порача Шпанецот.
Сити во следното коло игра важен меч со Брајтон кој им е директен конкурент за местата кои водат во ЛШ.