Македонската машка ракометна репрезентација денеска го имаше првиот собир во пресрет на дуелот со Словенија од квалификациите за ЕП 2026, со што официјално започнуваат подготовките за пресметката на домашен терен со најсилниот ривал во групата.
Словенците се квалитетен противник кој редовно обезбедува добри пласмани на големите натпреварувања, а тоа го потенцираше и селекторот Кире Лазаров во првата изјава за медиумите во пресрет на овој дуел.
– Доаѓа сериозен противник, полуфиналист на последните Олимписки игри, противник со големи амбиции. Словенија е многу сериозна селекција, која знае што сака во секој момент од натпреварот.
– Ние ќе се обидеме да се подготвиме што е можно подобро, свесни сме дека нема да биде лесно, затоа што Словенија е во Топ 8 репрезентации во Европа.
– Имаме време само за неколку тренинзи, ќе дадеме насоки како стручен штаб и се надевам дека во среда ќе не краси и борбеноста, со која би можеле да надоместиме одредена разлика во квалитет на некои позиции. Така беше и на светското првенство, треба да се бориме до крај, да не се предаваме и да веруваме во позитивен резултат. Нема да се фокусираме на нивниот стил, туку ќе се обидеме да ја повториме играта од мундијалот, – рече Лазаров.