Лапорта за ненадејната смрт која ги шокираше сите во Барселона: Загубивме голем професионалец

Дерби

09/03/2025

10:29

471

Големина на фонт

а а а

Жоан Лапорта како претседател на Барселона имаше обраќање пред полноќ по повод трагичната вест која се прошити во текот на вчерашниот ден, со која всушност јавноста беше известена за смртта на Карлес Мињаро.

Ненадејната смрт на 40-годишниот доктор на Барселона пристигна како гром од ведро небо на 15 минути пред одигрување на натпреварот против Осасуна, па откако домаќините добија зелено светло од Ла Лига за одложување на средбата, почнаа да пристигнуваат пораки од сите страни.

Ѕвездите на Барселона со големо разочарување ја примија веста и искажаа големо жалење за прераната смрт на докторот, кој всушност починал во својата хотелска соба во тренинг базата на клубот.

– Во името на Барселона, сакам да ја објавам веста за смртта на Карлес Мињаро, докторот на првиот тим на Барселона, но пред се човек кој беше сакан од сите. За жал тој почина ненадејно во нашиот тренинг камп. Како што може да замислите, сите сме шокирани од оваа вест, сите беа многу тажни и тоа преовладеа во моменти кога требаше да се игра фудбал. Сите го сакавме многу, доаѓаше на сите места со нас и се грижеше за здравјето на нашите играчи. Не знаеше да каже „Не“, беше фантастичен доктор и голем професионалец.

– Ова е многу болна вест за Барселона, сите сме шокиран бидејќи ова се случи ненадејно. Веднаш стапивме во контакт со неговото семејство, со неговата мајка и неговата сопруга. Им изразивме сочувство во овие тешки моменти, особено тешки за нив. Карлес остави две деца, Жерард и Ана, како и својата сопруга која е многу погодена од несреќната ситуација. Мора да бидеме на нивна страна во овие тешки времиња, – изјави Лапорта.