„Марка“ му посвети текст на Столе: Парадоксот на Димитриевски во Валенсија

Дерби

17/10/2024

08:44

896

Големина на фонт

а а а

Столе Димитриевски во овој октомвриски репрезентативен циклус уште еднаш потврди дека станува збор за врвен голман кој заслужува да биде стартер на највисоко ниво, статус кој за жал го загуби на почетокот на оваа сезона после неочекуваниот сплет на околности на „Месталја“.

Димитриевски испиша историја и стана првиот македонски голман кој не примил гол на три натпревари на кои е запишана победа на Македонија, а бидејќи посебно воодушеви со парадите во Ереван, неговите изданија не останаа незабележани и од Шпанците.
Валенсија му смисли нов прекар на Столе и го нарече „непробивлив ѕид на Македонија“, а сега со текст се јави и угледната „Марка“ која реши да ја прикаже и другата страна од приказната.


Тиражниот шпански весник ја потенцира неблагодарната ситуација со која се соочува македонскиот чувар на мрежата во Валенсија, клуб во кој пристигна како најголемо летно засилување, за потоа да се претвори во единствено кое нема дебитирано на официјален натпревар од стартот на сезоната.
Причина за тоа е останувањето на Гиорги Мамардашвили во првиот тим на Валенсија, односно неочекуваниот договор кој го склучија Ливерпул и Валенсија за едногодишен заем на Грузиецот. Иако Валенсија го продаде Мамарадшвили за 30 милиони евра, англискиот клуб реши да го остави уште една година на „Месталја“, а тоа беше одлука од која најголем губитник излезе Столе.
– Парадоксот на Димитриевски во Валенсија, – гласи насловот на текстот кој му го посвети „Марка“ на Македонецот, а во кој уште се додава.
– Има работи во фудбалот кои не престануваат да изненадуваат, а случајот со Димитриевски во Валенсија е таков. Голманот на Македонија беше прво засилување за Валенсија, откако клубот беше на добар пат да го продаде Мамарадшвили поради настапите на Европското првенство.


Валенсија брзо го „затвори“ голманот на Рајо и го доби за нула евра и тоа требаше да претставува добра операција за новиот стартер на Валенсија. Потоа пристигнаа уште неколку засилување, но дефинитивно најсигурен беше ангажманот на Димитриевски, голман со докажани перформанси во Ла Лига.
– Работите тргнаа како што се очекуваше, Бараха му даде целосна доверба во пресезоната додека се чекаше конечната продажба на Мамардашвили. Дури и по враќањето на Грузиецот на тренинзите, тренерот на Валенсија му даде предност на Димитриевски. Но, работите драматично се променија додека да се трепне. Ливерпул тргна по стартерот на Валенсија и операцијата имаше неколку „свиоци“, за на крај истата да се затвори со трансфер, но и едногодишна позајмица во Валенсија. Тоа беше тежок удар за Македонецот кој одеднаш отиде во втор план…..
– Од тој момент, Димитриевски веќе не го облече дресот на Валенсија на официјален меч. Нула минути и единствено засилување кое не дебитираше од стартот на сезоната. Најдоброто летно засилување на Валенсија најверојатно ќе дебитира во Копа дел Реј против тим од послаб ранг. Оваа ситуација сигурно не е лесна за голманот кој имаше неколку опции при изборот на Валенсија, клуб кој го прецизираше како идеален поради просторот за докажување и стартерското место кое изгледаше резервирано за него, – гласи текстот на „Марка“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг