Лукаку за најлошиот меч во кариерата: Анри ми се јавуваше трипати на ден

Дерби

17/10/2024

14:23

508

Големина на фонт

а а а

Ромелу Лукаку повторно соработува со Антонио Конте и реши да го следи омилениот тренер во Наполи, авантура која сигурно ќе му овозможи да се врати во најдобра форма и во посакуван голгетерски ритам.

Корпулентниот напаѓач се навикна да ги менува клубовите во Италија во последните години и Наполи е трет клуб за него во последните три години, бидејќи покрај тоа што ја освои шампионската титула со Интер, лани настапуваше и за екипата на Рома.

Освоеното Скудето со Конте му донесе голема сатисфакција на Белгиецот, но една година подоцна го доживеа најголемото разочарување и најверојатно го одигра најлошиот меч во кариерата.

Лукаку нема по добро да го памети Светското првенство во 2022-ра година, бидејќи прво санираше повреда за да настапи на истото, за на крајот да одигра хорор меч против Хрватска на кој „црвените ѓаволи“ беа елиминирани по четири негови промашувања.

– Се сеќавам дека имавме три дена да го подготвиме тој меч со Хрватска. Јас паузирав три месеци пред Светското првенство, но и покрај тоа сакав да му помогнам на тимот. Знаев дека сум му потребен на тренерот и игравме против силна селекција на Хрватска. Беше 0:0, влегов во игра и сите знаете што се случи….

– Промашив четири чисти шанси, Бог реши дека така треба да биде тој ден и тоа е тоа. Бев фрустриран по мечот, го искршив прозорот на клупата за резерви, никогаш немав почувствувано таков бес. Се сеќавам дека отидов на одмор една недела и плачев секој ден за промашувањата. Мора да му се заблагодарм и на Тјери Анри. Тој ми се јавуваше трипати на ден за да види дали сум добро. Тој живее за фудбал и знае колку работите можат да бидат сурови. Од тој момент, јас не изгледав ниту еден натпревар до крајот на Светското првенство, – открива Лукаку.



Спонзорирани линкови

Маркетинг