Психологот вели: Ова се трите видови однесувања на родителите коишто ја уништуваат самодовербата на децата

Точка

12/09/2024

10:33

6.547

Големина на фонт

а а а

Многумина родители сакаат да придонесат кон развојот на самодовербата и самопочитта на своите деца. Меѓутоа, додека одредени однесувања на родителите можат да придонесат кон оваа цел, одредени однесувања пак можат повеќе да наштетат отколку да бидат корисни.

Психологот Џефри Бернстеин предупредува на три видови однесувања на родителите коишто ја уништуваат детската самодоверба.

Премногу често поправање на секоја грешка


„Децата подобро напредуваат со позитивни повратни информации, а преголем број на критики може да направи тие да почнат да се сомневаат во своите способности. Значи, треба да се фокусирате врз пофалба на трудот и напредокот, а не само врз резултатите кои ги постигнуваат децата. Обидете се да ги прашате: „Што најмногу ти се допаѓа на овој цртеж?“ или „Како се разликува овој цртеж од претходниот?“ за тие самите да можат да го проценат својот напредок“, објасни Бернстеин за „Psychology Today“.

Споредба со нивните браќа, сестри или врсници


Споредувањето на децата може да ја наруши нивната самопочит и самодоверба како и да создаде чувство на инфериорност.

„Секое дете има свои уникатни таленти и слабости, а постојаното споредување може да предизвика чувство на помала вредност. Наместо да ги споредувате, препознајте ги силните страни на вашето дете. На пример: наместо да ги споредувате, кажете: „Многу ми се допаѓа твојата креативност. Твојата способност за размислување надвор од рамките на ограничувањата е една од твоите најдобри особини“, вели психологот.

Игнорирање на чувствата на децата

Кога децата ќе почувствуваат дека нивните чувства се игнорирани, можеби ќе престанат да ги споделуваат своите чувства и мисли со родителите, а тоа може да ја наруши нивната самодоверба и способноста за соочување со емоциите.


„Потврдувајте ги чувствата на децата пред да им понудите решенија. Едноставно кажете: „Гледам дека ова те вознемири“. Откако децата ќе почувствуваат дека сте ги сфатиле можете да им помогнете во решавањето на нивниот проблем. Прашајте ги: „Што мислиш, што можеме да направиме за да го поправиме ова?, за да им покажете дека нивните чувства се важни“, советува Бернстеин.

Дури и најгрижливите родители можат ненамерно да ја загрозат самодовербата на своите деца преку суптилно однесување. „Значи, со оглед на тоа дека децата имаат свое чувство за сопствена вредност коешто главно го развиваат преку интеракција со родителите, важно е родителите да го одбегнуваат премногу честото поправање, споредување и игнорирањето на детските чувства“, вели психологот.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk