Манекенката Јелена Егоровa, која по потекло е од Монголија, ја претставува Србија на изборот за „Miss Universe“. На социјалните мрежи се редат навреди на нејзина сметка, а покрај тоа, од организацијата „Miss Universe Serbia“ велат дека тие не ја избрале.
Нејзините родители во 1982 година се преселиле од Монголија во Русија, каде што таа е родена во 1997 година. Дипломирала криптоекономија на Московскиот државен универзитет. Досега има освоено бројни титули, меѓу кои „Miss Grand Mongolia 2022“ и „Miss Earth Middle East 2024“.
Во моментов престојува на Тајланд, каде што се одвиваат подготовките за „Miss Universe“, кој ќе се одржи на 21 ноември. Откако официјалниот профил на „Miss Universe“ на социјалните мрежи ја претстави Јелена како натпреварувачка од Србија, следеа бројни реакции од оние што сметаат дека Монголка не треба да ја претставува оваа земја.
„Сигурен сум дека Србија има многу убави и ‘вистински’ Србинки“, „Дали таа навистина живее во Србија доволно долго за да ја претставува?“, „Србија од ‘Temu’“, се дел од коментарите.
Од организацијата „Miss Universe Serbia“ исто така се огласија, наведувајќи дека таа не е нивна претставничка.
„Љубезно потсетување дека Србија годинава нема претставничка на ‘Miss Universe’. Лицето што го носи српското знаме не е од нашата националност, не го зборува јазикот и купи српски пасош во 2024 година“, напишаа од организацијата.

Јелена Егоровa досега не се огласила по повод скандалот и продолжува да објавува фотографии и видеа од подготовките за „Miss Universe“.