Дејвид Кит бил дипломиран студент во 1991 година кога вулкан еруптирал на Филипините, испраќајќи облак пепел кон работ на Вселената.
Седумнаесет милиони тони сулфур диоксид, ослободен од планината Пинатубо, се раширил низ стратосферата, оттргнувајќи дел од сончевата енергија подалеку од Земјата. Резултатот бил пад на просечната температура на северната хемисфера за околу половина Целзиусов степен во годината која следела.
Денес, д-р Кит тој настан го наведува како потврда на идејата која станала негово животно дело – тој верува дека со намерно ослободување на сулфур диоксид во стратосферата, би било можно да се намалат температурите ширум светот.
Ваквите радикални идеи сè повеќе се сфаќаат сериозно бидејќи ефектите од климатските промени стануваат сè поинтензивни. Глобалните температури достигнаа рекордни високи температури 13 месеци по ред, предизвикувајќи екстремни временски услови, смртоносни топлотни бранови и зголемување на нивото на морето.
Научниците очекуваат топлината да продолжи да расте во наредните децении, бидејќи главниот двигател на глобалното затоплување – согорувањето на фосилните горива, продолжува повеќе или помалку непречено, пишува „Њујорк Тајмс“.
Во тој контекст, расте интересот за напорите за намерно менување на климата на Земјата, што претставува поле познато како геоинженеринг. Веќе сега, големите корпорации работат со огромни погони за да го „цицаат“ јаглеродниот диоксид кој ја загрева атмосферата.
Некои научници, исто така, спроведуваат експерименти дизајнирани да ги осветлат облаците, што е уште еден начин да се врати дел од сончевото зрачење во Вселената.
Други, пак, работат на напорите да ги натераат океаните и растенијата да апсорбираат повеќе јаглерод диоксид.
Но, од сите овие идеи, стратосферскиот соларен геоинженеринг истовремено предизвикува најголема надеж и најголем страв.
Заговорниците на оваа идеја на тоа гледаат како релативно евтин и брз начин да се намалат температурите долго пред светот да престане да ги согорува фосилните горива. Универзитетот Харвард има програма за соларен геониженеринг која добила грантови од ко-основачот на Мајкрософт Бил Гејтс, Фондацијата Алфред П. Слоун и Фондацијата Вилијам и Флора Хјулит.
Европската унија минатата година повикала на детална анализа на ризиците од геоинженерингот и зборувала дека земјите треба да разговараат за тоа како да ја регулираат евентуалната примена на технологија.
Но, многу научници и еколози стравуваат дека тоа би можело да доведе до непредвидени катастрофи. Со оглед на тоа што би се користел во стратосферата и не ограничувајќи се на одредена област, соларниот геоинженеринг би можел да влијае на целиот свет, евентуално нарушувајќи ги природните системи, како што е производството на дожд во еден сушен регион, додека сезоната на монсуни би се исушила на други места.
Противниците се загрижени дека тоа ќе го одвлече вниманието од итната работа за транзиција од фосилните горива. Тие се противат на намерното ослободување на сулфур диоксид, загадувач кој на крајот ќе се пресели од стратосферата до нивото на земјата, каде што може да ја иритира кожата, очите, носот и грлото и да предизвика респираторни проблеми. Покрај горенаведеното, тие стравуваат дека програмата за соларни геоинженеринг, штом еднаш ќе започне, тешко ќе се запре.
Рејмонд Пјерхамберт, атмосферски физичар од Универзитетот во Оксфорд, изјавил дека верува оти сончевиот геоинженеринг претставува сериозна закана за човечката цивилизација.
„Тоа не само што е лоша идеја во однос на нешто што никогаш не би било безбедно за имплементација, туку дури и само да се истражува е губење пари“, зборувал тој.
Шучи Талати, основачка на непрофитната организација наречена „Алијанса за праведно размислување за соларниот геоинженеринг“, ја нарекла технологијата „меч со две острици“.
„Тоа би можело да биде начин да се ограничи човечкото страдање“, рекла таа. „Во исто време, мислам дека може да го влоши страдањето ако се користи на лош начин.
Од друга страна, во серија интервјуа, д-р Дејвид Кит, професор на Катедрата за геофизички науки на Универзитетот во Чикаго, се спротивставил на тоа дека ризиците од соларниот геоинженеринг се исто толку сериозни колку што критичарите сметаат дека се, и дека тие ги намалуваат потенцијалните придобивки.
„Ако техниката може да го забави затоплувањето на планетата за само еден степен Целзиусови, или 1,8 степени Фаренхајт, во текот на следниот век“, смета тој, „тоа може да помогне да се спречат милиони смртни случаи предизвикани од топлината секоја деценија“.
Според неговите пресметки, планета трансформирана со соларен геоинженеринг нема да биде значително потемна во текот на денот. Но, може да создаде поинаков вид на самрак, оној со портокалова нијанса.
Тој се согласува дека нациите треба да престанат да согоруваат јаглен, нафта и гас, но исто така искажува уверување дека треба да одиме понатаму. Д-р Кит, инаку, го поминал својот живот надвор од лабораторија, качувајќи се по карпи и скијајќи на Арктикот, длабоко загрижен за бројните начини на кои климатските промени го нарушуваат природниот свет.
„Со намалувањето на глобалните температури, сончевиот геоинженеринг може да помогне планетата да се врати во прединдустриска состојба, создавајќи услови кои постоеја пред огромни количини на јаглерод диоксид да бидат испумпани во атмосферата и започнаа да ја „варат“ Земјата“, зборувал тој.
Доколку утре има глобален референдум за тоа дали да се започне соларен геоинженеринг, тој е дециден дека би гласал „за“.
„Секако дека има ризици, а сигурно постојат и неизвесности“, посочил тој. „Но, навистина има многу докази дека ризиците се квантитативно мали во споредба со придобивките, а неизвесностите едноставно не се толку големи.“
За да се разбере колку може да биде контроверзна работата на д-р Кит, според „Њујорк Тајмс“, треба да се размисли што се случило кога тој се обидел да изврши првичен тест како подготовка за експериментот за соларниот геоинженеринг познат како „Скопек“.
Имено, во тоа време еден професор на Харвард сакал да ослободи неколку килограми минерална прашина на надморска височина од приближно 20 километри и да следи како се однесува прашината додека лебди на небото. Тестот бил планиран за 2018 година, веројатно над Аризона, но д-р Кит не можел да најде партнер за лансирање на балонот на голема височина. Кога деталите за планот станале јавни, група староседелци се спротивставиле и издале манифест против геоинженерството.
Три години подоцна, Харвард ја ангажирал Шведската вселенска корпорација да лансира балон кој ќе носи опрема за тестирање. Но, пред да се случи тоа, локалните групи уште еднаш го кренале својот глас против тоа. И Грета Тунберг, шведска климатска активистка, се приклучила на протестот. „Природата прави сè што може. Ни вреска да се повлечеме, да застанеме, а ние го правиме токму спротивното“, истакнала таа.
Меѓутоа, во рок од неколку месеци, експериментот сепак бил прекинат.
Противниците на соларниот геоинженеринг навеле неколку главни ризици. Прво, тие зборувале дека тоа може да создаде „морален хазард“, погрешно давајќи им на луѓето впечаток дека не е неопходно брзо да се намалат емисиите на фосилни горива.
„Основниот проблем е што мислиме дека сме толку паметни што не мора да обрнуваме внимание на границите на природата“, вели д-р Сузуки. „Но, ние не ја разгледавме основната причина за проблемот, а тоа сме ние“.
Друга голема загриженост е поврзана со несаканите ефекти.
„Тоа може да го шокира климатскиот систем и да ги промени хидролошките циклуси, како и да ги влоши екстремните временски настани и климатската нестабилност“, зборувала Беатрис Риндевал, претседателка на Шведското друштво за заштита на природата, кое се спротивставило на експериментот.
Д-р Кит, сепак, е категоричен дека овие стравови се претерани. И додека би имало дополнително загадување на воздухот, тој тврди дека ризикот е занемарлив во споредба со придобивките.